Ставрески: Буџетот е во солидна кондиција, немаме никакви проблеми со редовната исплата на обврските

Министерот за финансии и вицепремиер,  Зоран Ставрески во гостувањето на Канал 5 истакна дека буџетот на Македонија е во солидна кондиција.

Немаме никакви проблеми со редовната исплата на обврските. Фирмите навреме си ги добиваат средствата од ДДВ и фактурите им се плаќаат од страна на министесрствата и другите буџетски корисници. Пензионерите навреме ги добиваат пензиите  и така ќе биде и понатаму. Субвенциите  кои заради изборниот законик моравме да ги прекинеме во текот на март и април, сега со формирањето на новата Влада повторно ќе почнат да се исплаќаат. Сите земјоделци кои што не добиле субвенции до сега, ќе ги добијат, се она што се предвидува да се исплаќа од буџетот, при што ќе го задржиме буџетскиот дефицит оваа година на 3,5%, а со фискалната стратегија понатаму предвидуваме постепена фискална консолидација, подвлече Ставрески.

Тој нагласи дека со оглед на тоа што Македонија има ниско ниво на задолженост, не сме принудени како некои земји нагло да го намалуваме дефицитот што би предизвикало негативни последици врз економскиот раст.

„Затоа, ние ќе одиме умерено со намалување на буџетскиот дефицит за да има доволно простор за реализација на капиталните проекти, автопатиштата, железницата кон Бугарија и се друго што е предвидено, а при тоа долгорочно да ја задржиме Македонија да остане во зоната на ниско задолжени земји“, додаде тој.

Следните четири години ќе се исплатат вкупно 600 милиони евра за субвенции, односно по 150 милиони евра секоја година.

Согласно програмата на ВМРО-ДПМНЕ предвидено е субвенциите да се исплаќаат согласно „Календар за субвенции“ со кој времето на исплата ќе биде усогласено според потребите на земјоделците за финансирање на активностите според карактеристиките на земјоделското производство.

Се планираат и капитални инвестиции во земјоделието за изградба на системи за наводнување, кои треба да обезбедат наводнување за нови 24.350 ха земјоделско земјиште.

Ќе се продолжи и со останатите мерки за поддршка на земјоделието кои се применуваат во изминатиот период, како мерката 50 50 за набавка на земјоделска механизација. Со дури 60% ќе продолжи поддршката на државата во осигурување на земјоделскиот род.

И понатаму ќе се пласираат поволните кредити со субвенционирана каматна стапка од 3 и 4% преку Македонската банка за поддршка на развојот за примарно земјоделско производство, преработувачката индустрија и откупот на земјоделски производи.