Ставрески го додели 500-то решение од проектот „Купи куќа, купи стан“

Денес Министерството за финансии го додели 500-то решение за проектот „Купи куќа, купи стан“.Со овој проект, Владата на Република Македонија им помага на граѓаните полесно да дојдат до сопствен дом.

Решението на тричленото семејство Димовски, кое 15 години живеело под кирија, им го врачи вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

-Велигденските празници се период кој вообичаено го поминуваме со семејството и во домот и уште повеќе се потврдува тоа дека вистинското богатство на секој човек е семејството, домот и хармонијата. Затоа ми е мило што во оваа велигденска недела имав можност да бидам во домот на семејството Димовски кое симболично е 500-тиот корисник на проектот „Купи куќа, купи стан, изјави вицепремиерот Ставрески.

Според неговите зборови, проектот досега предизвикал голем интерес кај граѓаните и оти од тие причини е отворена канцеларија во Министерството за финансии каде може да се добијат информации за можностите што ги нуди, без разлика дали се работи за учество за кредит или за половина рата.

-Се работи за значителна финансиска поддршка од државата. Во последниве месеци имаме над 25 одобрени барања. Вкупниот број е 524, што значи дека проектот наиде на добар интерес кај граѓаните, рече Ставрески.
Новите сопственици на стан изразија задоволство од можноста што им ја дала државата да можат со 50 проценти субвенционирано учество да дојдат до сопствен дом.

-По долги години под кирија, со проектот „Купи куќа, купи стан“ успеавме да дојдеме до сопствен стан. Ратата ќе ни биде приближно колку што плаќавме кирија и затоа сите оние кои се под кирија нека се осмелат и нека го направат овој чекор да дојдат на свое, истакна Маријан Димовски, новиот сопственик на стан.

Поради големиот интерес од страна на граѓаните за овој проект и бидејќи една третина од одобрените барања се од внатрешноста на државата, Министерството за финансии, почнувајќи од 16 април, планира да организира караван низ поголемите градови.

-Планираме караван низ десетина поголеми градови низ Република Македонија каде на едно место ќе може граѓаните да добијат информација за можностите што се нудат во поглед на цената на становите, локацијата и можностите за државна помош, истакна Ставрески.