Македонија

Ставрески: И најјаката економија не може да издржи долгогодишна криза

Ставрески: И најјаката економија не може да издржи долгогодишна криза

Значајно е политичката криза да заврши, да има епилог, преку дијалог да се дојде до завршување на кризата со изборите што се предвидени на 5-ти јуни, изјави за ТВ Нова, министерот за финансии Зоран Ставрески.

Мора да се дојде до извесна стабилна состојба која ќе им овозможи на компаниите предвидливост за следните 4 години, да се знае какви ќе бидат политиките во следните 4 години, какви даноци ќе има, каков бизнис амбиент ќе има и се друго што им е потребно за да можат да почнат да планираат. Да ги планираат инвестициите одлуки и одлуките за вработување. Мора кризата да има завршница, во спротивно и најјаката економија не може да издржи долгогодишна криза, изјави Ставрески.

Според него политичката криза која веќе долго време ја држи земјата во заложништво, очигледно е пропратена со пропагандна војна во која што се шират различни нецелосни информации и дезинформации.

Таква беше и информацијата што пред некој ден излезе во јавноста, а се однесува на средствата што Светска банка ни ги одобри во јануари годинава. Вистината дека бордот на Светска банка на почетокот на јануари го одобри кредитот за поддршка на општините за Македонија во износ од 28 милиони американски долари. Во тој период изборите беа планирани за 24-ти април, а бидејќи 60 дена пред тоа настапува период на техничка влада, односно се распишуваат изборите, со Светската банка беше договорено, кредитот да стане ефективен веднаш по изборите. Истото го прави Светската банка и со други земји во слични ситуација, појасни Ставрески.

Според него, оваа информација била позната уште во јануари, и во некои медиуми беше објавена, а сега, со цел да се потенцира тоа дека наводно на земјата и се ограничуваат финансиските средства, се рециклира и добива поинаква димензија.

Првите информации што излегоа на некои медиуми беа дека Светска банка го прекинува финансирањето на Македонија. Ова не е точно. Таа веќе го одобри кредитот кој требаше да биде ефективен по изборите. Потоа, ние ги одложивме изборите, а тоа е наш внатрешен проблем, од политички причини тие се одложија од април за јуни. Не се прекинати целокупните финансирања на Светска банка и ММФ, појаснува Ставрески.