Ставрески и Спасов во посета на Центарот за социјални работи Гази Баба

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, заедно со министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, денеска  го посети Центарот за социјални работи Гази Баба.

Во Центарот, граѓаните од денеска ќе може да доставуваат барања за отпис на долговите. Со тоа практично започнува реализацијата на проектот на Владата за еднократно отпишување на долговите на најранливите категории на граѓани.

Корисниците на социјална и постојана парична помош, невработени лица подолго од 12 месеци и лицата кои се изложени на социјален ризик поради смрт на брачен другар или инвалидност или потешка болест настанати во последните пет години, ќе треба да достават барање во центрите за социјална работа во местата во кои живеат или во оние најблиску до местото на живеење.

Ќе се отпишуваат долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година, а по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, за кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити, како и долгови за радио дифузна такса. Долговите треба да бидат неплатени подолго од една година и за нив да е почната постапка за наплата.

Целата постапка за отпис на долгови на најранливите категории граѓани се очекува да заврши до ноември, а се проценува дека ќе се опфатат меѓу 50.000 и 100.000 граѓани, што, пак, зависи од тоа колку ќе се пријават.