Ставрески: Инвестициите и капиталните проекти ќе ја водат економијата напред

Поддршката за домашните фирми ќе продолжи и во наредниот период, пари во буџетот има доволно, економскиот раст е остварлив, а инвестициите и капиталните проекти ќе ја водат економијата напред, истакна вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, во  интервју за МРТ .

„Ако сакаат да отворат ново работно место за лица што се помлади, ќе добијат ослободување од придонесите, ако го задржат уште 12 месеци. Ако сакаат кредит, ќе добијат нови 100 милиони евра по каматна стапка од 5,5 проценти што е субвенционирана од буџетот. Ако сакаат да инвестираат има и други продукти во Македонската банка за поддршка на развојот, кои ќе им помогнат да инвестираат во машини, опрема и слични, и да извезуваат. Најнизок данок во Европа ќе плаќаат и понатаму. Добивката ќе биде ослободена од оданочување“, изјави Ставрески.

Во следниот период дополнителна опција за раст на бизнисите на домашните компании ќе бидат и средствата од Фондот за иновации. Од друга страна, пак, најавеното нивелирање на казните, односно помали казни за помалите фирми, е уште една поволност за домашните компании.

Објаснувајќи ја економската програма на новата Влада, Ставрески најави богат спектар на мерки кој понатаму ќе се доградува согласно дијалогот со бизнисзаедницата.

Растот на економијата и отворањето нови работни места остануваат во фокус на новата Влада. Ставрески тврди растот ќе го движат новите инвестиции, и домашни и странски.

„Токму затоа и кадровски се зајакнува Владата во тој дел, преку поголем број министри коишто ќе бидат директно одговорни за носење на странски инвестиции и со продолжување на добрите политики што ги имавме и досега“, вели Ставрески.

„Ако претходно отворивме 119.000 работни места со помош на приватниот сектор, нема причина да не веруваме дека и сега е возможно да се отворат 64.000 работни места, со тоа што дополнително на високиот економски раст и новите фабрики во слободните економски зони, очекуваме и преку поддршката што ја даваме и за домашните работодавачи, преку директни ослободувања и плаќање придонеси и други мерки, да има отворање на нови работни места“, нагласува вицепремиерот.

Ставрески посочи дека доколку нема нова криза во Европа, македонската економија е  подготвена да оствари повисоки стапки на економски раст.