Ставрески: Како одговорна Влада работиме во корист на сите граѓани

Како одговорна Влада работиме во корист на сите граѓани. Во изминатиот период имавте шанси да увидете разлика околу тоа како ние се однесуваме кон граѓаните додека сме на власт и како некои други го прават тоа. Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески вечерва на трибина на ВМРО-ДПМНЕ во Демир Капија.

Тој се осврна на 2015 година како на тешка година. – Проблемите произлегоа од деструктивниста на опозицијата која се пренесе и на економски план, нагласи Ставрески.

Изразувајќи убедување за победа на претстојните изрази кога, како што рече, ќе се тргне политичката магла, по што ќе останат делата кои се направени, резултат на довербата што народот ја даде на актуелната власт.

Вие граѓаните обрнете внимание на делата што се сработени, не верувајте на зборови, а ние и во иднина како и досега максимално ќе бидеме посветени на потребите на граѓаните, додаде вицепремиерот.

Тој потсети дека со нови инвестиции и работни места, подобра бизнис клима, ниски даноци, административни олеснувања, подобра инфраструктура и многу други работи, се подобри животот на граѓаните.

Покрај со нови домашни и странски инвестиции, имавме и други проекти со кои се зголеми вработеноста. Невработеноста се намалува. Но ние и понатаму сме должни да работиме на планот на намалување на невработеноста, додаде Ставрески.

Оние кои никогаш ништо не сработиле, рече, негодуваат дури и тогаш кога другите работат и создаваат дела.

Тој се осврна и на зголемените субвенции за земјоделците и зголемените пензии и нивната редовна исплата и ги повика граѓаните да направат разлика, зашто како што нагласи, со ВМРО-ДПМНЕ има стабилност и сигурност, а со СДСМ проблеми.

Македонија е четврта најмалку задолжена земја во Европа, потсети тој.

Кога СДСМ доаѓаат на власт нивните политики секогаш се на штета на граѓаните. Наспроти нив ние реализиравме безброј проекти како на државно така и на локално ниво, рече тој, набројувајќи неколку од реализираните проекти во оваа општина.

Демир Капија, рече, ја има поддршката на државата за реализација на проектите кои се во интерес на граѓаните. Идеите за нови проекти ќе бидат дел од најновата програма на партијата пред изборите.