Ставрески: Кавадарци е општина во која има многу вработувања

Кавадарци е општина во која има многу вработувања и една од општините во која има најмала невработеност. Ова го посочи денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Ставрески денес присуствуваше на потпишување Договорот за реконструкција и доградба на едно основно и две средни училишта во општината.

Во „Дрекслермаер“ бројката на вработени надмина 5.000 лица
Во „Дрекслермаер“ бројката на вработени надмина 5.000 лица

Кавадарци е општина во која има многу вработувања, пред се во „Дрекслермаер“ каде бројката на вработени надмина 5.000 лица, а со последната најава дека во септември ќе има уште 500 вработувања ќе се приближиме до околу 6.000 работни места што е извонредно голем број на вработувања. Исто така преку проектот „Македонија вработува“ над сто кавадарчани најдоа работа, истакна вицепремиерот Ставрески, пренесе МИА.

Тој додаде дека општината се движи во добра насока и оти се создаваат подобри услови за живот за граѓаните на Кавадарци.

Реконструкција на училишта во Кавадарци

Едно основно и две средни училишта во општина Кавадарци ќе бидат реконструирани преку проектот за подобрување на општински услуги што го спроведува Министерството за финансии, со средства обезбедени од Светска банка.

За реконструкцијата ќе бидат одвоени 41 милион денари, а со неа ќе бидат опфатени ОУ „Тоде Хаџи Тефов“, Средното електромашинско училиште и Гимназијата. Во сите три училишта ќе биде сменет покривот и прозорците, а во гимназијата ќе се изврши доградба и ќе се прошири капацитетот за уште осум училници. Со ова ќе се подобрат условите за воспитнообразовниот процес за околу 2.000 деца или 40 проценти од вкупниот број на ученици во општината.

Договорот беше потпишан денеска меѓу вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов.