Ставрески: Ќе го вратиме сјајот на стариот Струмички театар

Започнаа активностите за враќање на сјајот на Струмичкиот театар, кој што беше опожарен во 2001 година.Ова денеска од Струмица го изјавија носителот на кандидатската листа за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во Четвртата изборна единица Зоран Ставрески и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

„Ова место во следниот период ќе биде вистинско градилиште и тука ќе никне стариот Струмички театар, ќе ја вратиме душата на градот Струмица во делот на културата, да биде гордост за сите струмичании кои сакаат да одат во театар, и кои сакаат да има културен живот, да имаат едно прекрасно катче каде ќе можат да следат театарски претстави, а и за театарските работници да можат да го извршуваат она што најдобро знаат, театарските претстави во една достојна средина,“ посочи Ставрески по денешната посета на градилиштето предвидено за изградба на Струмичкиот театар.

За овој проект се издвоени 220 милиони денари, средства обезбедени од Министерството за култура.

„Во изминатиот период се водеше максимална грижа од страна на стручните служби во Завод и музеј-Струмица за изработката на сите проекти, бидејќи мораше да се запазат сите контури на сите елементи од театарот, на сцената и на влезната партија. Се водеше сметка и во делот на сценската технологија, на сценската кула што е срцето на театарот за самите актери. Ќе бидат вратени и отсликувањата од познатиот уметник Цане Јанкуловски на истото местото каде што беа и претходно,“ истакна Канческа-Милевска.

Канческа-Милевска истакна дека оваа влада на чело со Никола Груевски како никоја досега инвестира во културата, уметноста и во културното наследство и дека таквите инвестиции ќе продолжат и во иднина.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.