Македонија

Ставрески: Ќе се продолжи рокот за откуп на дворовите

Владата на денешната отворена седница го прифати предлогот на Министерството за финансии и Управата за имотно-правни работи за продолжување на рокот за поднесување барање за приватизација на дворното место.

Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески рокот ќе биде продолжен за девет месеци почнувајќи од јануари 2014, односно од донесувањето во сила на законот во наредните 9 месеци.

Ова е со цел да им се даде можност на граѓаните, кои од разни причини не успеале да поднесат барање за приватизација на дворното место да може да го направат тоа. Да поднесат барање и тие да успеат да го купат. Рокот за приватизација на  дворното место беше до крајот на 2011, потоа беше продолжен за една година, односно до декември 2012.

„Ова навистина е последна шанса, бидејќи никој веќе после тоа нема да има објективни аргументи за да бара понатамошно пролонгирање на рокот. Тие што нема да го приватизираат земјиштето после истекот на овој рок ќе треба да склучат договор за закуп, ќе се утврди надомест за закуп од кои 20 отсто од средствата ќе бидат за буџетот, а 80 проценти ќе одат во општината од каде се“, појасни Ставрески.

Проектот, според него, побудил најголем интерес кај граѓаните во Република Македонија.

„Само во периодот кога тој проект го објавивме, од септември 2009 па заклучно со крајниот рок што беше за поднесување на барање за откуп на дворното земјиште до 31 декември 2012 година, поднесени се вкупно 162.024 барања за приватизација на дворното место. Од почетокот, значи од 2005 вкупно се поднесени 233.971 барање. Значи, преку две третини од барањата беа поднесени само во последните две години, односно кога објавивме дека дворните места може да се откупуваат по едно евро за метар квадратен. Значи, тоа беше вистинскиот потег со кој се предизвика интерес кај граѓаните да ги откупуваат дворните места“, појасни Ставрески.

Управата за имнотно-правни работи, информира тој, од тие барања со правосилна одлука има решено 136.670 барања, а во постапка се уште 99.277 барања, кои во изминатиот период се комплетираа и вработените ги решаваат овие случаи.

Директорот на Управата за имотно-правни работи Зоран Крстаноски информира дека околу 1.970 предмети се формирани после истекот на рокот.

„Многу поголем е бројот на оние кои само се информирале во Управата за имнотно-правни работи дали може да поднесат барање, меѓутоа откако им било кажано дека рокот е истечен не поднеле. Сигурен сум дека тие повторно ќе се обратат до нас и моја проценка е некаде околу 10.000 барања повторно ќе се поднесат“, рече Крстаноски.