Ставрески: Македонија со економски раст највисок во Европа

Ивана Влаткова Холар, претставник на Комисијата на ММФ во Македонија по завршувањето на мисијата во земјава истакна дека порастот на Македонија е над просекот во регионот и додаде дека истиот ќе се зголеми и во наредната година.

Таа додаде дека растот, исто така е побалансиран  и дека го одразува зголемениот извоз како и зголемената домашна побарувачка.

Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески потенцира дека македонската еконoмија во првите девет месеци од оваа година има остварено добар економски раст, што покажува дека здраво се поставени основните политики што го овозможуваат тој раст.

-Првата политика е форсирање на капиталните инвестиции од буџетот на Република Македонија и одржувањето на високо ниво на капитални инвестициии, а втората е привлекувањето на странски инвестиции, кои што значително го зголемија потенцијалот за производството на производи со високо додадена вредност и зголемување на извозот на стоки од земјава, како и креирање на работни места, рече Ставрески.

Тој додаде дека се очекува македонската економија во 2014 година да оствари раст меѓу 3,5 и 3,8 проценти што е една од највисоките стапки во Европа, а за следните две години се очекува зголемен економски раст од 4 отсто или над 4 проценти.

Тој исто така потенцира дека во земјава има добар амбиент за кредитна поддршка на домашните фирми и дека тоа заедно со останатите мерки помага македонското стопанство да оствари подобри резултати од земјите во регионот.

-Очекувам да се задржи стабилноста на валутата како и можноста фирмите да дојдат до кредитни средства потребни за инвестиии. Државниот долг е на ниво најниско во регионот и ќе остане на такво ниво. Во таа насока се и мерките за фискална консолидација предвидени за следниот период во насока на намалување на буџетскиот дефицит. Тоа намалување, ќе се одвива со онаа динамика која е потребна за да не се наруши растот, со што ќе се овозможи одржливоста на долгот, а од друга страна да не се наштети на економскиот раст, рече Ставрески.

Тој додаде дека со уставни амандмани ќе се фиксираат фискални правила, односно ќе се позиционира максималното ниво на буџетскиот дефицит на 3 отсто, и максимално ниво на јавен долг на 60 отсто.

Исто така Ставревски истакна дека во земјава има потенцијал за зголемување на интегрираноста на домашните фирми во ланецот на добавувачи на странски фирми, почнувајќи од зајакнувањето на претприемачката култура, подобрувањето на капацитетите на менаџерскиот кадар, како и подобрувањето на стандардизацијата на производите. 

Според гувернерот на НБРМ, Димитар Богов, монетарната политика на земјава и во наредните години ќе се прилагодува, со цел да се задржи рамнотежата која е присутна во македонската економија.

– Во најголем дел нашите видувања за развојот на македонската економија и за економските политики се доста слични, така што тоа ни укажува дека сме во добра насока. Монетарната политика продолжува внимателно да ги следи сите движења во македонската економија и соодветно ќе се прилагодува во наредните години, се со цел да се задржи рамнотежата која е присутна во македонската економија и на тој начин да создаде едни стабилни макроекономски услови за продолжување на развојот на економскиот раст, рече тој.

Министерот Ставрески воедно посочи дека во иднина се очекуваат нови странски инвестиции. Неколку американски компании веќе се заинтересирани за инвестирање во земјава.

 – Привлекувањето странски инвестиции е исправна политика. Досега преку нив се отворени 11.000 нови работни места, а за десет месеци е остварен извоз од 950 милиони евра, рече тој и додаде дека македонската економија има извоз и тогаш кога европската економија стагнира.

Тој посочи дека невработеноста во Македонија е на историски најниско ниво од 28,2 отсто.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.