Ставрески: Нашата политика е да отвориме перспектива за младите луѓе

Носителот на листа во четвртата изборна единица Зоран Ставрески од ВМРО-ДПМНЕ вечер се обрати пред насобраните граѓани на митингот кој партијата која ја предводи Коалицијата „За подобра Македонија“ го одржа во Гевгелија.

Ставрески истакна дека пред два дена граѓаните направиле разлика бидејќи добро знаат како се работи во интерес на пензионерите, земјоделците, просветните и културните работници…

Тој истакна дека како Влада напорно работеле за реализација на сите планирани и ветени проекти. Дел од нив се и отворањето на нови работни места преку инвестирање на странски и домашни компании во Македонија.

„Денеска имавте можност да слушнете за нова инвестиција и тоа токму тука во Гевгелија има грчка компанија чиј сопственик денеска најави дека сака да инвестира токму во Гевгелија. Шест милиони евра за откупно дистрибутивен центар за зеленчук и за други градинарски култури. Тоа ќе отвори работни места. Тоа е нашата политика, да привлечеме инвестиции и домашни и странски да отвориме перспектива за младите луѓе“, истакна Ставрески.

Тој додаде дека за следниот период имаат конкретни планирани проекти за Гевгелија вредни 27 милиони евра.

„Прво 25 милиони евра ќе инвестираме за брана Конско, 4.000 нови хектари земјоделска површина што ќе се наводнува со изградбата на браната Конско. Едно долгогодишно ветување на многу политичари, никој не го реализирал, ВМРО-ДПМНЕ ќе го реализира. Второ, ќе се реализира изградбата на водоводот во градот. 73 милиони денари значи 1.200.000 евра ќе се потрошат за водоснабдување за цевки за бунари и се друго што е потребно за во Гевгелија да се реши прашањето за водоснабдување и еднаш засекогаш да се стави тоа настрана како завршена тема. И трето Средното училиште Јосиф Јосифовски, надградба на два ката, 700.000 евра од програмата на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат наменети за училиштето да се обнови, да се направат 14 нови училници. Така работи ВМРО-ДПМНЕ“, посочи Ставрески.

Носителот на четвртата изборна единица од ВМРО-ДПМНЕ додаде дека во новата прогрма на ВМРО-ДПМНЕ има проект за еднократен отпис на долговите за оние кои најсилно беа погодени од светската и европската криза, за отворање на нови работни места за младите во сите градови во земјава.