Ставрески: Наскоро отворање на канцеларија за проектот „Купи куќа, купи стан“

Министерството за финансии по Нова година ќе отвори посебна канцеларија во зградата на министерството која секој ден во одреден период ќе прима граѓани кои сакаат да се информираат за проектот „Купи куќа-купи стан“.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески истакна дека граѓаните на тој начин ќе може да се информираат за сите детали од проектот, за субвенциите, банките.

-Остануваме со осегашниот стил на работа, а тоа е да бидеме отворени за граѓаните и постојано да им даваме дополнителн информации се со цел што поголем број од македонските граѓани да го решат прашањето на сопствен дом преку проектот „Купи куќа-купи стан“, истакна Ставрески.

Министерот за финансии кој денес го посети саемот за овој проект кој се одржува во Рамстор посочи дека е задоволен што многу луѓе и млади и повозрасни се заинтересирани за тоа како да го решат прашањето на сопствен дом.

Тој додаде дека секоја акција и секој проект кој е наменет за граѓаните и им помага да решат некое големо прашање во животот е добар проект.

– Верувам дека низ средбите што ги имат тука со банките, со претставниците од Министерството за финансии, со градежните компании можат на едно место да ги добијат сите информации. Бројките што ги добиваме од овој период за апликации на проектот „Купи куќа, купи стан“ навистина се задоволувачки, преку 50 барања имаме само во изминативе две недели што покажува дека проектот е добро осмислен и дека точно го исполнува она што граѓаните го очекуваат од Владата, а тоа е да им помогне посебно во првите години од купувањето на стан или изградбата на куќа за да го решат прашањето на сопствен дом, потенцираше Ставрески.

Покрај саемот, денес се одржа и викенд забава поддржана од двата проекта „Купи куќа, купи стан“ и „Фискална во рака, награди без мака“.

Посетителите на Рамстор ги забавува Драган Даутовски, Маја Панчева, Сара Мејс, Дарко Илиевски, Александар Тарабунов, Куку Леле, Симона Поповска, Давид Нешковски Трио, Игор Митровиќ, Мијата и многу други музичари и уметници, а за најсреќните имаше и награди.