Македонија

Ставрески: Нема да дозволиме никој да си поигрува со стабилноста на државата

Ставрески: Нема да дозволиме никој да си поигрува со стабилноста на државата

Нема да дозволиме никој да си поигрува со стабилноста на државата и да ја доведува во прашање нејзината безбедност. Државниот врв и сите институции ја контролираат ситуацијата и решително ќе постапат против оние кои сзкаат да ја нарушат. Со овие трибини сакаме да покажеме дека сме со народот и во време кога неодговорната опозиција наметна ситуација која никој не ја посакува, истакна членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и министерот за финансии и вицепремиер, Зоран Ставрески на вчерашната трибина во Гостивар.

Ставрески, зборувајќи за актуелните состојби, нагласи дека не е прв пат кога СДСМ е во опозиција да ја пренесат нивната неспособност и проблемите во партијата да ги пренесат на државата.

– Ние сме тука да пренесеме порака дека граѓаните треба да бидат мудри, треба да бидат сплотени. Значајно е со мудроста која ја поседуваат да ја оценат состојбата. Сé додека народот е сплотен и додека стои зад нас и ние ја водиме државата, Македонија ќе остане стабилна и безбедна, рече Ставрески.

Потсети на изборните победи, кои како што кажа, се поддршка од народот на политиките кои владата ги води и проектите кои се реализирани.

Вистината, според Ставрески, не се креира врз основа на телефонски разговори.

– Кога се зборува за вистината, не може таа да се креира врз основа на телефонски разговори кои се прибавени на нелегален начин и креирани на кој знае кој начин. Граѓаните не ги интересира кој за кого и што мисли и разговара по телефон, туку кој и што направил за им се подобри животот, кој отворил 130 илјади нови работни места и кој им отпишал долгови и редици други проекти. На двесетте бомби на опозицијата ние одговоривме со 60 нови мерки во корист на народот, рече Ставрески.