Македонија,Политика

Ставрески: Нема ограничување на износот при отписот на долговите

Министерот за финансии Зоран Ставрески вчера во вестите во Канал 5 истакна дека ограничување за износот на долгот на поединечниот граѓанин во проектот за отпис на долгот на лицата од социјално ранливите категории нема.

– Нашата цел е на овие три категории на граѓани, ако ги исполнуваат условите 100 процентно целосно да им биде отпишан долгот, и по главница и по камати, да биде сведен на нула долгот на граѓанинот. За толку колку што ќе му отпише субјектот долг на граѓанинот, за толку ние ќе им отпишеме обврска да платат данок, рече тој.

Ставрески истакна дека мерката за отпис е најзначајната социјална мерка во програмата на Владата и се однесува на најранливите категории на граѓани, корисниците на социјална помош, за невработените, однсно оние кои активно бараат работа во Агенцијата за вработување и лица кои заради семејна несреќа ја изгубиле работната или финансиската способност за навреме да ги плаќаат своите долгови.

Отписот на долговите се однесува за долгови заклучно со 31.12 2013 година кон ЕВН, долгови за топлинска енергија, долгови од кредитни картички, радио-дифузна такса, и трошоци за нотар и извршители за предмети поврзани со истите, а се очекува со оваа мерка да бидат опфатени меѓу 50.000 и 100.000 лица.

Постапките ќе започнат по донесување на законот во Собранието, а Владата преку јавните гласила ќе се обиде максимално да ги информира граѓаните за деталите и постапките.