Ставрески: Немаше отпуштања, а растеа платите, пензиите и социјалната помош

Заменик претседателот во владата на Република Македонија и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната прес-конференција потенцира дека во земјава немало отпуштања, туку зголемување на платите, пензиите, социјалната помош.

-Пензиите во континуитет се зголемуваа, за 62 проценти е зголемена просечната пензија, а за 76 проценти најниската пензија и такво дополнително зголемување за пензионерите ќе имаме и оваа година во септември. Слично се зголемуваше и социјалната помош за најранливите категории, за околу 50 отсто е повисока од пред околу 7-8 години и такво зголемување е предвидено и во јуни оваа година, рече Ставрески.

Вицепремиерот нагласи дека над 600 милиони евра биле издвоени за земјоделците, за субвенции и тоа беше направено во тешки години, во години во кои имало бројни предизвици и во други земји се намалуваа плати, се намалуваа пензии, се намалувала социјалната помош, се откажувале инфраструктурни проекти.

-Треба да се знае дека паралално со реализацијата на овие економски политики, ние наоѓавме пари за многу други проекти. Такви проекти имаме во културата, во спортот, во образованието, во здравството, се градеа водоводи и канализации, се градеа локални и регионални патишта, започнаа да се градат три автопати, рече Ставрески.