Ставрески: Непотребен е сензационализмот на СДСМ околу јавниот долг

Сензационализмот во настапите на СДСМ околу јавниот долг е непотребен, рече денеска вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, одговарајќи на новинарско прашање.

Состојбите со догот без оглед на тоа дали е државен јавен, гарантен или долг на Народната банка на Македонија, се транспарентни и објавувани на страницата на Министерството за финансии.

„Не гледам зошто има толку непотребен сензационализам во настапите на СДСМ околу ова прашање“, рече Ставрески, кој нагласи дека сите податоци за долгот се објавуваат во претпристапната економска програма и оти секоја година Министерството доставува до Собранието годишен извештај за долгот.

„Се користи податок којшто е објавен во претпристапната економска програма од минатата година. Тоа е податок што од септември 2012 до септември 2013 година беше објавуван на сите веб страници како претпристапна економска програма. Значи секој оној што сака да ги добие овие податоци има мноштво извори од каде може да ги црпи овие податоци“, додаде Ставрески.

Тој уште еднаш нагласи дека јавниот долг на државата е четврти најнизок во Европа.