Македонија

Ставрески: Никој нема право да ги вознемирува граѓаните и да ги држи во агонија

Ставрески: Никој нема право да ги вознемирува граѓаните и да ги држи во агонија

Првата порака што ќе ја упати ВМРО-ДПМНЕ до жителите на Неготино и ширум Македонија е дека треба да бидат спокојни и мирни. ВМРО-ДПМНЕ има сила и човечки капацитет да ги надмине овие случувања, да најде решение за предизвиците што ги поставува пред нас ситуацијата, дa им го вратиме мирот и спокојството на граѓаните.

Ова во вестите на Сител пред почетокот на трибината во Неготино го истакна вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

– Никој нема право да ги вознемирува граѓаните и да ги држи во агонија со месеци, мора да се најде решение коешто ќе им овозможи на граѓаните да продолжат спокојно и мирно да живеат и истовремено да ги решаваме нивните проблеми. Значи втората порака ќе биде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане посветено на решавање на реалните проблеми на граѓаните, да се најде работа за луѓето, да им се помогне со подобри здравствени услуги, да реновираме училишта, да изградиме некој пат или канализација, она што на граѓаните ќе им значи подобар живот. Тоа е нашата мисија, затоа сме избрани ние политичарите и ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со таквите политики и ќе ја водиме Р.Македонија во подобар живот, рече Ставрески.

Тој додаде дека во континуитет работат со општина Неготино со цел да овозможат да се реализираат повеќе проекти и на централно и на локално ниво.

– За Неготино изминатиов период најзначајни беа високите субвенции што ги исплаќаме, бидејќи е лозарски крај и има многу луѓе коишто живеат од земјоделството. Овозможвме во исто време да се легализираат објектите, да можат луѓето да си го откупат дворното место со едно евро по квадрат, да можат да купат половно возило со пониски акцизи, да можат д анајдат вработување во фабриките што се отвораат како што е Дрексел Мајер тука во близина. Ќе зборуваме и за изградбата на индустриската зона во Неготино како и за решавање на горливото прашање кое конечно најдовме сила заедно со општината да го решиме, а тоа е водоснабдувањето на градот и слични прашања од локалната инфраструктура, додаде Ставрески.

Стилот на работа на ВМРО-ДПМНЕ,  додаде тој, е секогаш своите идеи да ги проверува со граѓаните и да ги прашува и за идеи и за совет бидејќи граѓаните најдобро знаат кои прашања им се најприоритетни.

– Ние секогаш така сме ја работеле програмата, проектите мора да извираат од народот и да ги решаваат нивните основни и најзначајни проблеми. Така ќе биде и денес, ние ќе останеме посветени и ќе разговараме со луѓето за тоа што ќе правиме, но истовремено да слушнеме до нив совет и се што можеме да направиме ќе направиме, ќе настојуваме да ги послушаме граѓаните и да го слушнеме нивнипт глас  и да направиме добри дела коишто ќе овозможат подобар живот за нив, потенцираше вицепремиерот Ставрески.