Ставрески: Новаци добро се справува со невремето

Општина Новаци е добро организирана и успешно се справи со предизвиците од невремето, оцени денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески при денешната посета на поплавените подрачја од пелагонискиот регион, пренесе МИА.

Теренската посета на општина Новаци, како што рече, покажа дека последиците од невремето и обилните врнежи најмногу се чувствуваат во полето заради прелевање на водите. Но, добрата организација на Општината, градоначалникот и неговата екипа, кризниот штаб, сите структури, како и жителите на општината, минимизирани се ризиците по животот на граѓаните, имотот, добитокот и слично.

Порача дека добро е и понатаму организацијата да биде на највисоко ниво, а ако е потребно, поддршка да се побара и од војската и полицијата за и понатму да се контролира состојбата на терен.

Изрази верување дека Општината успешно ќе се справи со овие предизвици.

За време на денешниот престој во Пелагонија, министерот Ставревски посети и повеќе населени места во општина Могила која, исто така, е погодена од невремето и посебно во атарите на неколку села што се наоѓаат долж течението на реката Црна.

– Во општина Могила состојбата е прилично сериозна, а во неколку населени места, водата освен во нивите е и до куќите, а некои од нив се поплавени. Има материјална штета и потребно е на терен да се ангажира механизација и потребно е да се вложат дополнителни напори за да се спречат поголеми последици, нагласи Ставревски.