Ставрески: Нови 32 мерки за подобрување на деловната клима

Последниот извештај на Светска банка ја рангира Македонија на 30-то место од 189 држави во светот. Ова денеска го истакна министерот за финансии Зоран Ставрески на отворената владина седница.

„Македонија е лидер во регионот и е подобро рангирана од 16 европски земји како Франција, Полска, Шпанија, Словачка, покажа извештајот Дуинг бизнис на Светска банка“, истакна Ставрески, кој додаде дека ова процес треба и се надоградува секоја година.

-Ние предлагаме нови 32 мерки како генерални мерки и дополнителни подзаклучоци, односно 50 нови мерки во секој сегмент од 10-11 индикатори како предлог мерки за подобрување на деловната клима, подвлече Ставрески.

Македонија е трета во светот во категоријата за започнување на бизнис, додека пак најголем скок има направено во однос на плаќањето даноци каде што сега е на седмо место, а минатата година земјава во овој сегмент  била на  38-то место.

Ставрески истакна дека има области каде треба да се работи и да се подобрат состојбите, како заштитата на малцинските инвестиции, добивањето на градежни дозволи и слично.