Ставрески: Новите работни места ќе го заживеат Велес

Од синоним на катастрофално спроведена приватизација и затворање фабрики, Велес станува град каде што може да зборуваме за отворање нови фабрики и нови работни места.

Ова го оцени вицепремиерот и министерот за финансии Зоран Ставрески, при денешната работна посета во Велес.

Тој додаде дека граѓаните ја гледаат перспективата преку вработувањата што почнаа да се реализираат во различни компании што работат во слободните економски зони, но и преку претходно реализираните 900 вработувања во Дрекселрмаер, 300 во турската инвестиција, како и почнатиот процес на германската Маркарт за селекција на 600 лица кои ќе бидат вработени.

Ставрески истакна дека сето тоа ја подобрува перспективата на велешани особено на младите луѓе. Кон тоа придонесуваат и владините политики кои се реализираат преку активните мерки на Агенцијата за вработување од каде има 900 вработувања реализирани преку различни програми, како и 250 вработувања преку кредитите што се даваат преку Македонската банка за поддршка на развојот кои ги искористиле над 20 фирми од Велес.

– Станува збор за солидна бројка на вработувања и тоа дава перспектива за економски развој на Велес бидејќи сите тие луѓе ќе можат со плата да обезбедат сопствена иднина и да се поддржи развојот на градот, изјави министерот за финансии.

Во иднина ќе има уште вести за нови инвестиции, смета Ставрески бидејќи од градоначалникот Славчо Чадиев бил информиран дека локалната самоуправа планира да ја заврши втората индустриска зона во која се очекува да има продажба на плацови каде што домашни инвеститори ќе можат да отворат нови работни места.