Ставрески: Обезбедени се средства за обештетување од поплавите во Босилово

Митинзи во Ново Село, Босилово и Василево, како и средби со жители од повеќе населби, одржа денеска коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Пред граѓаните, освен носителот на листата во четвртата Изборна единица Зоран Ставрески, зборуваа и кандидатите за пратеници од Струмичко, Силвана Бонева, Васил Пишев, Ромео Тренов и Славе Гошев.

Продолжуваат разговорите со откупните претпријатија за склучување договори со тутунопроизводителите. Веќе се обезбедени средства за обештетување од поплавите што го зафатија и Босилово. Ви гарантирам дека секој што е на списокот ќе си добие пари по изборите, рече Ставрески.

Како и досега, додаде, Владата и премиерот Никола Груевски ќе се грижат за развојот на земјоделството и руралните средини.

Ставрески се осврна на проектите од новата програма чија цел е, рече, подобрување на животниот стандард, но зборуваше и за конкретните мерки што ќе се преземат во Босилово.

„Ќе се намали данокот на додадена вредност на детските артикли и училишниот прибор со што секое семејство ќе заштеди по 3.000 денари. Во Босилово ќе го реконструираме патот Босилово – Струмица, ќе изградиме нов локален пат Бориево-Еднокуќево, Босилово Радово, нова детска градинка во Босилово и уште многу други проекти кои ќе ги реализираме заедно со градоначалникот за што подобар живот“, истакна Ставрески.

Коалицијата „За подобра Македонија“ вечер ќе одржи митинг во Струмица на кој се очекува да зборува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.