Ставрески: Обврските навреме се сервисираат

На 8 декември доспева за враќање еврообврзницата, издадена во 2005-та година во времето на СДСМ, во износ од 150 милиони евра. Министерот за финансии и вицепремиер Зоран Ставрески, вели дека Македонија е сериозна држава и навреме ќе ги врати парите. Владата одговорно управува со јавните финансии и со сервисирањето на обврските, навремено се раздолжува со што остава добар впечаток кај инвеститорите.

Доспева за плаќање 10-годишната еврообврзница што е издадена во 2005-та година, во износ од 150 милиони евра. За таа еврообврзница во вторник ќе платиме уште 6 милиони евра камата. Низ годиниве имаме платено уште 63 милиони евра камата, значи вкупно за 10 години за таа обврзница како држава имаме платено 69 милиони евра камата, и плус 150-те милиони што ќе ги вратиме. Тоа е значителен износ на средства, но тоа се обврски кои ги направила една влада и секоја следна влада којашто се однесува одговорно и сериозно мора да ги сервисира тие обврски, да им ги врати парите на инвеститорите кои тогаш ја запишале таа еврообврзница, вели Ставрески.

Кога станува збор за долг на државата мора одговорно да се постапува

Министерот за финансии во интервјуто за Бизнис 365 на МТВ објаснува дека без разлика што таа еврообврзница е издадена во времето на СДСМ, се работи за долг на државата и секоја Влада мора одговорно да постапува. За овие прашања не смее да има дневно – политички игри.

Не може политички да се гледа на обврските на една Влада, бидејќи тие треба да се гледаат како обврски на државата. Иако ги направил СДСМ во 2005-та, ние мораме да ги исплатиме тие средства, инвеститорите мораат да знаат дека имаат работа со сериозна држава, со сериозни институции, бидејќи и во иднина ќе биде потребно да се запишат еврообврзници. Само преку еден таков пристап може да се остави добар впечаток кај инвеститорите. Затоа, не беше убаво она што се случи, кога дополнителниот заменик – министер го спореше објавувањето на аукцијата, бидејќи тоа остава лош впечаток, вели првиот финансиер, Зоран Ставрески.

Се вратија пари во стопанството, се исплатија пензиите

Македонија имаше бурна недела на финансиски план. Откако не помина ветото од дополнителниот заменик – министер од редовите на СДСМ, Кире Наумов, се одржа редовно најавената аукција на државни хартии од вредност. Банките, заедно со пензиските фондови, штедилниците, осигурителните компании купија државни записи и обврзници во износ од 73 милиони евра. Веднаш потоа, по основ на стари државни хартии од вредност, достасани се плаќање, се вратија 3,5 милијарди денари (57 милиони денари), им се изврши поврат на ДДВ на 1.273 фирми, на сметките на 300.047 пензионери легнаа 3 милијарди 849 милиони денари.

Минатата недела, кога се реализираше аукцијата за којашто имаше спор, првично од банките прибравме 73 милиони евра, а веќе следниот ден им вративме на банките 57 милиони евра и уште дополнителни 10 милиони евра на стопанството за поврат на ДДВ. Во петокот ја исплативме пензијата за ноември, којашто се исплаќа во декември. Тоа покажува дека сите средства собрани од аукцијата и многу повеќе средства од други извори се вратени кај банките, стопанството и граѓаните. Така работи буџетот и така ќе работи и во иднина, вели Ставрески и додава дека државната каса не смее да биде предмет на дневно – политички игри.

Заканите кон банките, кои беа упатени на еден час пред самата аукција, не беа добар пристап и тоа не беше начин како треба да се работи и како треба да изгледа една аукција, односно како треба да се однесуваме кон приватниот сектор. Никој не може да се меша во деловните одлуки на банките, во законитоста на работењето на Министерството за финансии и во извршувањето на Буџетот. Буџетот не смее да биде жртва на дневна политика и тоа нема да го дозволиме, порачува во интервјуто Ставрески.

На ова укажа и академикот Абдулменаф Беџети, кој побара да се разликува она што значи функционирање на една држава од дневната политика, бидејќи државноста претставува почитување на институциите, а буџетот на земјава доби легитимитет од Собранието.

Не може да се запостават обврските кои претставуваат структурални расходи. Тоа се предвидени расходи, структурални и оперативни. Не би требало преку механизмите на таканаречени контроли, блокади или вета да се спречува реализацијата на овие тековни обврски. Мора да се направи одредено задолжување кога во буџетот е предвидено финансирање на дефицит. Буџетот е усвоен од Собранието, има фискална стратегија, стратегија за управување со јавен долг што значи дека има некоја рамковна обврска на однесување, вели академикот Абдулменаф Беџети.

Македонија – партнер од доверба

Инвеститорите имаат доверба во Македонија, последната еврообврзница од 270 милиони евра ја запишаа повеќе од 100 инвестициски банки, пензиски фондови, осигурителни компании, еквити фондови од САД, Европа и од други земји. Побарувачката беше 2,5 пати повисока од понудата и достигна 632 милиона евра. Трансакцијата се реализараше во соработка со Сити банк, Дојче банк и Ерсте банк, а парите веќе легнаа на буџетската сметка. Еврообврзницата е со рок на враќање од 5 години, каматна стапка од 4,875 проценти, односно стапка на принос од 5,125 проценти.