Ставрески: Пет илјади денари заштеда за младите семејства со бебе

До пет илјади денари ќе заштедат младите семејства со бебе со предложената мерка на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на стапката на ДДВ за бебешка опрема, а до 3.000 денари ќе биде заштедата со предвиденото намалување на стапката на ДДВ за училишен прибор.

Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии и носител на листата во 4. Изборна единица Зоран Ставрески при денешната посета во Неготино.

Тој смета дека мерките што ги предлага ВМРО-ДПМНЕ ќе помогнат на младите семејства да ги намалат трошоците околу бебињата, односно децата.

– Ќе се намали данокот на додадена вредност и за бебињата и се што се користи од тетратки до ранчиња, до моливи, пенкала, боички, односно она што го користат децата за училишен прибор во текот на целата година. Тоа би требало на семејствата во текот на целата година со две деца да им обезбеди заштеда од 2.500 до 3.000 денари, изјави Ставрески.

Додаде дека намалувањето на ДДВ за бебешки производи, како колички, релаксатори, пелени, цуцли, шишиња, се што користат младите семејства со бебе ќе обезбеди околу 5.000 денари на годишно ниво заштеда.

– Со тоа сметам дека Владата дава директен придонес и со програмата обезбедува директна поддршка за животниот стандард за младите семејства и најмладите жители. истакна Ставрески.

Во рамки на денешниот престој на Неготино, Ставрески ја  посети компанијата „Слобода“ во која што се вработени 50-тина работници.

– Во Неготино приватниот сектор е доста изразен и сакам да видам со стопанствениците како ги користат мерките и проектите кои Владата ги има во делот на доделување на евтини кредити и доделување субвенции за вработување и слично. Гледаме дека се создаваат добри услови за бизнис во Македонија и Неготино и ние и во иднина во претстојната програма предвидуваме уште 100 милиони евра за компаниите, рече Ставрески.

Сопственикот на компанијата „Слобода“ Цветко Коцевски кажа дека и досега имаат користено активни мерки од Владата, а ќе аплицираат и за новите активни мерки.

Во општинската зграда тој се сретна со повеќе неготински бизнисмени.

Извор: МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.