Македонија

Ставрески: Политичкиот договор дава сигурност за стопанството

Ставрески: Политичкиот договор дава сигурност за стопанството
Ставрески: Политичкиот договор дава сигурност за стопанството

Договорот за излез од политчката криза што вчера се постигна е позитивен најмногу за Република Македонија и нејзините граѓани и создава сигурност и извесност во стопанството, оценува вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, објави МИА.

Според Ставрески, политичките партии како учесници во тој договор по нешто добиваат, по нешто губат, но најзначајно е што добиваат граѓаните, бидејќи договорот го враќа спокојството кај граѓаните во земјата, кое, вели, беше нарушено од страна на опозицијата со деструктивното однесување во последните неколку месеци.

Договорот создава сигурност и извесност во стопанството, бидејќи за бизнисмените е значајно да имаат сигурни и стабилни услови за работење, и со постигнувањето на овој политички договор се обезбедува таа стабилност што ќе овозможи македонската економија да ги продолжи добрите трендови на раст, на нови инвестиции, нови работни места, смета вицепремиерот Ставрески.

Договорот, додава, ќе овозможи оние странски инвестиции кои поради политичката ситуација се воздржуваа од објавување на одлуката и почнување на сопствен бизнис во Македонија, сега да го реализираат тоа, а воедно ги отвори евроатланските перспективи за Република Македонија. Ставрески нагласува дека во април следната година народот дефинитивно ќе ја даде поддршката за опцијата која му обезбедува подобар живот. Во однос на тековните економски проекти на Владата, посочува, ние имаме обврска кон граѓаните кои ги поддржале тие проекти бидејќи преку нив се подобрува нивниот живот.

Оцени деја „Македонија вработува“ е еден од најзначајните проекти на Владата, бидејќи досега покажа извонредни резултати со 3.500 досега вработени лица, а очекува преку него да се вработат 20 илјади лица во период од една година, како што беше најавено.

– Другите проекти течат според предвидената динамика. Како што е познато изградбата на автопатите, најкрупниот проект, се реализираат според предвиденото, имаме набавка на нови возови, исплата на субвенции, имаме многу проекти во делот на образованието, реновинарање на студентски домови, изградба на се она што е предвидено во програмата на Владата, согласно предвидената динамика и буџетот што е обезбеден, појаснува вицепремиерот Ставрески.

Тој ги нагласува и позитивните ефекти од инвестицијата на американски КСС во Кичево. Вели дека ова е прва крупна инвестиција во тој регион во Република Македонија каде што има висока невработеност и од тој аспект вработувањето на 1.000 луѓе значи обезбедување на иднина за 1.000 семејства.

– Конкретно за Кичево значи многу бидејќи ќе биде најголем работодавач во поширокиот регион и веруваме дека ќе помогне да се привлечат и други компании. Веќе има позитивни ефекти од тој аспект, бидејќи ОДВ Електрик во Охрид дојде поради КСС, исто така и Капокон во зоната во Скопје, исто така една компанија поврзана во зоната на добавувачите кои ги користи КСС, вели вицепремиерот Ставрески.