Ставрески: Помали казни и нови 100 милиони евра за домашните фирми

Носителот на листата на Изборната единица 4, на коалицијата „За подобра Македонија”, предводена од ВМРО – ДПМНЕ, Зоран Ставрески денеска во Струмица ги информираше стопанствениците за програмата на ВМРО-ДПМНЕ за следните четири години.

Ставрески изрази уверување дека програмата ќе наиде на добар интерес, како и секаде каде што разговараат за мерките за стопанството.

„Основно е дека и понатаму Македонија ќе биде земја со најниски даноци во Европа, ќе го задржиме рамниот данок со ослободување целосно од реинвестираната добивка од плаќање на данок што им помага на фирмите да инвестираат во нови машини, опрема, објекти и слично,“ нагласи Ставрески.

Второ, посочи тој, ќе има намалување на казните при што посебно поголемо ќе е намалувањето кај малите фирми, кај малите и средни фирми, значи, подвлече, пропорционално на приходот и на големината на фирмата ќе се плаќаат казните што ќе предизвика општо намалување на висината на казните кое што ќе биде поголемо кај помалите фирми.

– Стоте милиони евра што ќе им ги дадеме на располагање на фирмите исто така ќе ги објасниме да знаат точно каде може да аплицираат, кога може да аплицираат фирмите и слично. Сто милиони евра со каматна стапка од 5,5 проценти се на располагање за фирмите од Струмица и од цела Република Македонија, како и новите 10 милиони евра докапитализација на Македонска банка за поддршка на развојот за фирмите што сакаат да откупуваат или извезуваат земјоделски производи тоа е посебно интересно за компаниите од струмичкиот регион, појасни Ставрески.

Тој очекува врз основа на овие мерки, како и на други мерки како што е ослободувањето на фирмите од плаќање на социјални придонеси за вработување на млади лица до 29 години дека ќе има добар разговор, добар интерес и оти уште еднаш фирмите ќе ја дадат поддршката за овие економски политики коишто ја избавија Македонија од кризата, овозможија стопанството во Македонија да опстане, да работи и да има позитивни резултати.

– Со оглед на тоа дека во Европа има и подобри времиња, доаѓаат подобри времиња, мислам дека за сите нас стопанствениците следниот период ќе биде подобар и со вакви стабилни политики, со дополнителни мерки што ги предвидуваме во програмата стопанството во Република Македонија може да очекува подобри времиња, рече Ставрески на средбите со бизнис заедницата во Струмица, каде што ја посети и кондиторската фабрика „Јока”.