петок, 24 март 2017  |  Вести денес: 46

Ставрески си заминува, нов министер за финансии Кирил Миновски

stavreski

Поврзани вести

Поради здравствени причини Зоран Ставревски поднесе оставка од позицијата вицепремиер и министер за финансии во Владата на Република Македонија.

– Здравствените проблеми со кои се соочувам и советите на лекарите упатуваат на тоа дека постои неопходност од подолго лекување и опоравување, заради што јас нема да сум во можност да ја обавувам функцијата министер за финансии и потпретседател на владата на Република Македонија”, истакнува Зоран Ставрески, наведува во оставката.

Инаку, Ставрески е дел од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ  од 2006-та година на позицијата потпретседател задолжен за економски прашања, а од 2009-та година и на позицијата министер за финансии. Тој со својата работаи постигнати резултати останува запаметен како еден од најуспешните македонски министри, кој со своите економски политики направи значителни достигнувања и суштински реформи кои државава ја ставија на мапата на меѓународните економски текови и процеси.

За време на министертувањето на Ставрески се постигнаа најзначајните и забележителни резултати во клучните области на економијата, намалување на невработеноста, привлекувањето на странски инвестиции, поддршка на домашната економијата, подигнување на стандардот на граѓаните.

– Ми беше задоволство да бидам дел од овој економски тим, кој со голем жар ентузијазам одготворност и посветеност работеше за Македонија и донесе резултати кои многу граѓани ги почувствуваа, тргнувајќи од сериозното намалување на невработеноста, значително подобрување на бизнис климата, високи растови на економијата и извозот, носењето на многу инвеститори и водењето здрави макроекономски и финансиски политики. Сето ова е остварено во исклучително тешки години на глобална финансиска криза, европска должничка криза, а еве речиси две години и домашна политичка криза, пишува Ставрески.

Тој во оставката се заблагодарува за плодната и професионална соработка со претходниот претседател на Владата Никола Груевски во чиј владин тим беше 9 години.

– Со него имав одлична соработка и голема поддршка. Заеднички со него и со другите колеги од Владата направивме економски резултати  за Македонија како никогаш досега, признаени и потврдени од најзначајните меѓународни финансиски институции, истакнува Зоран Ставрески.

Тој се заблагодарува и за соработката на премиерот Емил Димитриев и останатите членови на Владата особено за доброто функционирање во услови на длабока политичка криза, како и на одличните односи и соработка со приватниот сектор, НБРМ и меѓународните институции.

Владиниот портпарол Александар Ѓоргиев во однос на оставката на Ставрески во име на Владата на РМ го изјави следново: – Заради лични здравствени причини, вицепремиерот Ставревски поднесе оставка на функцијата министер за финансии и вицепремиер на Владата, причините се наведени во текстот на неговата оставка и ние тоа го разбираме и почитуваме. Владата истакнува огромна благодарност до вицепремиерот Ставревски за неговата работа, за ангажманот и придонесот кој тој го оствари во реализација на владините мерки, програми, и политики, за што сведочат неговите постигнати извонредни резултати. Му посакуваме пред се добро здравје, и надминување на предизвиците со кој се соочува, а Владата секогаш ќе остане отворена за соработка со личност каква што е тој.

МИА дознава дека на позицијата нов министер за финансии премиерот Димитриев ќе го предложи  актуелниот директор на Управата за јавни приходи Кирил Миновски.

Тој има плодно 17-годишно искуство во областа на финансии, управување со промени проектен менаџмент и човечки ресурси. Дополнително поседува 13-годишно искуство во работењето на една од водечките светски консултантски компании Booz Allen Hamilton во имплементација на повеќе донаторски проекти на УСАИД во делот на градење/развој на институциите на Република Македонија во економската сфера и создавање поволно деловно опкружување.

Миновски поседува и искуствo во работа на државните институции. Пред раководењето на Управата за јавни приходи, тој во периодот мај 2014 – ноември 2015 беше прв човек и на Државниот пазарен инспекторат.

Претходно бил ангажиран како менаџер на компоненeнти во рамките на УСАИД, како и повеќе други проекти од оваа организација, поврзани со подобрување на конкурентноста, извозот, банкарскиот сектор.

МИА дознава дека премиерот Димитриев ќе направи ротација и на позицијата на заменик министер за надворешни работи, односно дека ќе биде побарано разрешување и на заменик министерката за надворешни работи Драгана Кипријановска, а на нејзино место претседателот на влада на РМ Емил Димитриев ќе го предложи Илија Исајловски кој е дипломат од кариера со богато искуство во меѓународни организации и разивање на дипломатски односи. Во Минисрерството за надворешни работи Исајловски е вработен уште во 1996 година и поминува низ сите професионални скалила. Тој извесен период работи и во одделението за политички билатерални односи со државите од Западна и Централна Европа, како и амбасадор на Р. Македонија во Украина, Руската Федерација и е актуелен амбасадор во Народна Република Кина, од каде ги покриваше и ДНР Кореа, Виетнам, Кралството Тајланд и Монголија.

Се очекува во текот на утрешниот ден Собранието на Република Македонија да расправа и ги констатира за оставките, по што ќе бидат именувани новиот министер за финансии и заменик министер за надворешни работи.

Најчитани вести