Ставрески: Со отварањето на нови работни места создаваме перспектива за младите

Одговарајќи на прашање на пратеничката Роза Топузова-Карoвска министерот за финансии и вицепремиер во Владата на Република Македонија Зоран Ставрески потенцираше дека  податокот дека во врска со податокот што опозицијата често го користи, оти  од Македонија се иселиле 440 000 лица е збирен податок за последните 50 години.

Имено, тој појасни дека станува збор за податок кој бил објавен од страна на Светската Банка во 2010 година во извештајот  насловен „Билатерална матрица на миграции“. За тој податок од страна на Владата на Република Македонија било побарано појаснување од мисијата на Светската Банка и во одговорот било појаснето дека се работи за индиректен податок кој ги опфаќа лицата кои што се преселиле во странствово периодот од 1950 до 2010 година и кои се изјасниле дека се со македонско потекло, но не е јасно каде се родени тие луѓе и кога точно се преселиле.

Според него, не е едноставно да се обезбеди егзистенција за сите и да се задржат сите, посебно кога се отвораат вратите во Европа и кога и во Бугарија, во Србија, во сите околни земји се случуваат слични трендови.

– Но, нашата задача е во тој дел да го сработиме она што можеме, да обезбедиме економски раст, а тоа го правиме. Единствени сме во регионот што имаме економски раст, имаме највисок раст во Европа, се отвораат работни места со инвестициите и на домашните и на странските фирми и во ТИРЗ и во слободните зони и на други места, сепак чекор по чекор се решава ова огромно прашање, огромен проблем, а тоа е постепено да го стопираме иселувањето на луѓето од Македонија и уште подобро да ги вратиме способните, добрите кадри од странство во Република Македонија, подвлече вицепремиерот и министер за финансии.

Потенцираше дека во последните години се отворени нови 124 000 работни места и дека со отворањето на нови работни места речиси во секој град на Македонија Владата спречила иселување на луѓето.

– Кумулативно за изминатиот период само во последниве години објавивме дека се креирани 124.000 работни места. Тоа значи дека на 124.000 луѓе коишто потенцијално можеле да ја напуштат земјата заради немање перспектива или работно место сепак сме им помогнале да најдат тука егзистенција, да обезбедат за себе средства за живот и за семејството и да останат во земјава. Ете така треба да се бориме и да зборуваме за тоа што треба да се направи и што се прави за вработеноста и за перспективите на младите луѓе. Ова не е прашање на демагогија, ниту прашање на кое што треба да се изјаснуваме поединечно дека вие сте криви или ние сме криви. Треба сите заеднички кога имаме шанса да го сработиме својот дел, рече тој.