Ставрески: Со ребалансот повеќе пари за изградба на автопати

Интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, особено на Коридорот 10 и задржување на фискалната дисциплина и поддршката на економијата, е предвидено со ребалансот на Буџетот за 2014 година по кој денеска почна расправата на пленарната седница, пренесува МИА.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, образложувајќи го дополнетиот предлог ребаланс, рече дека се прави со цел усогласување на динамиката на реализација на расходите особено во делот на инфраструктурните проекти со динамиката на приходи.

Спроед него, станува збор за мини ребаланс со кој се врши корекција и на приходната и на расходната страна која е помала од два проценти и претставува мал ребаланс, но, како што додава, потребна за да се заврши годината онака како што се планираше со фискална дисциплина и задржување на главните параметри на фискалната политика во проектираните рамки.

Најголемата промена што се прави на расходната страна, како што истакна, е обезбедување дополнителни средства од 1,42 милијарди денари за иградба на Коридорот 10, односно автопатот Демир Капија-Смоквица кој се одива со поинтензивна динамика од предвидувањата и е планирано да заврши до август 2016 година.

Како што посочи, додавањето средства во оваа ставка предизвикува и зголемување на буџетски дефицит кој се позиционира на 3,9 проценти.

На приходната страна со ребалансот се признаваат приходите од самофинансирачки активности од 1,780 милијарда денари  кои, како што истакна министерот,  ги оствариле врз основа на средства од  ИПА во износ од 706 милиони денари, донација од Советот за Европа за реконструкција на ЈЗУ – Институт за белодробни заболувања во Министерството за здравство,  донација од УНХЦР и ИПА во Министерството за труд и социјална политика за изградба на станови за бегалци, прифатни центри, стратегија за Роми, за хидросистемот Злетовица донација од 25 милиони денари во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Кај социјалните придонеси, според образложението, промената е помала од еден процент и тие се реализирани на ниво од 44,703 милиони денари.

Министерот Ставрески истакна дека како резултат на состојбите во економијата во првиот квартал и случувањата во индустриското производство извршено е и ревидирање на проекцијата на БДП која, како што рече, оди нагоре од 3,2 на 3,5 проценти со потенцијал да биде и повисок од 3,5 проценти. – Но, отидовме со една реалтивно конзервативна варијанта и сметавме дека е остварлива, рече Ставрески.

Со ребалансот е извршено намалување за стоките и услугите кои се финансираат од основниот буџет, како и реалокација на средствата за социјални трансфери меѓу средствата наменети за паричен надоместок, социјални права и пензии.

Ставрески потенцира дека заштедите се направени соодветно кај буџетските корисници, кај кои се оставени доволно средства за реализација на предвидените проекти до крајот на годината.

За остварување на Буџетот од јануари до јули годинава, министерот Ставрески истакна дека се реализирани вкупни приходи од 81,429 милијарди денари. При тоа даночните приходи и социјалните придонеси се реализираат во износ од 72,562 милијарди денари. Од овој износ 47,642 милијарди денари се даночни од кои 53 проценти се по основ на ДДВ.

За првите седум месеци капиталните приходи изнесуваат 1.388 милијарди денари од кои 959 милиони денари се приходи од исплатата на дивиденда од АД Македонски телеком, а останатите се од продажба на градежно земјиште и општествени станови.

Вкупните расходи, како што образложи министерот, се реализирани во износ од 96,867 милијарди денари при што тековните изнесуваат 87,2228 милијарди денари.

– Капиталните расходи се реализирани во износ од 9,639 милијарди денари. Во овој период од годината се интензивираа активностите за реализација на крупните инфраструктурни проекти, како изградба на Коридорот 10 и инвестиции во реконструкција и изградба на железничката инфраструктура. Се реализираа и повеќе проекти за подобрување на инфраструктурата во образованието, здравството, комуналната инфраструктура, како и реконструкција на здравствени објекти, рече Ставрески.

Тој додаде дека во овој период континуирано и навремено се исплаќаа субвенции во земјоделството и заклучно со август се исплатени 4,9 милијарди денари директна поддршка на земјоделците. Буџетскиот дефицит во овој период  е остварен во износ од 15,438 милијарди денари или 3,1 процент од БДП.

Во образложението по ребалансот министерот Ставрески потенцира дека вкупниот долг на централанта влада заклучно со јули 2014 година изнесува 40,8 проценти од БДП со што Македонија останува меѓу 10-те земји во Европа со најмало ниво на долг, односно со умерено ниво на задолженост и оти таа политика ќе продолжи и во следниот период. – Дополнително кредибилитетот и довербата и дисциплината ќе биде зајакната и преку уставните измени, рече министерот и додаде дека сегашната состојба и проекциите за следните три години укажуваат на тоа дека и натаму Македонија ќе остане земја со умерено ниво на задолженост.

Појасни дека со средствата од еврообврзницата издадена во јули обезбедени се доволни средства за финансирање на буџетот и она што следи во наредните години. Тој додаде дека за 2015 година е извршено предфинансирање, односно обезбедени се средства однапред за обврските што доспеваат во 2015 година и од тој аспект независно што има ризици на пазарот Македонија ги има обезбедено средствата.

Расправата по ребалансот според Деловникот трае најмногу пет дена.

На дневниот ред на 14-та седница се и Предлог законите за имени и дополнувања на Законот за основно образовани и на Законот за средно образование, и двата по скратена постапка.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.