Ставрески: Стабилниот кредитен рејтинг е добар сигнал за инвеститорите

Агенцијата за кредитен рејтинг Стандард и Пурс ја потврди претходно доделената оценка за кредитниот рејтинг на Република Македонија за странска и домашна валута ББ-, истовремено потврдувајќи го стабилниот изглед на земјата.

Потврдениот кредитен рејтинг се заснова на умереното ниво на јавен и надворешен долг, како и на позитивните очекувања за просечен раст на економијата од околу 3,4% од БДП, што се темели врз основа на стабилните приливи од странските директни инвестиции.

Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, ова е одлична вест бидејќи во услови кога во многу земји рејтинзите од страна на Стандард и Пурс се намалуваат, Република Македонија добива повеќе години по ред потврда за стабилниот рејтинг со позитивни изгледи за во иднина.

– Ова е индикатор и доказ за инвеститорите бидејќи инвестициските банки и инвеститорите во реалниот сектор ги следат сите овие рејтинзи и овие движења и за нив ова е потврда дека земјата се движи во вистинска насока, истакна Ставрески.

Стандард и Пурс годинава го намали кредитниот рејтинг на повеќе земји како Русија, Турција, Хрватска, Србија,  Словенија и Бугарија, оттука потврдата на кредитниот рејтинг на Македонија е уште една потврда за добрите економски политики кои се практикуваат во земјава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.