Ставрески: Заев објавува селективни разговори, кои не се дел од реалноста

Ништо од она што Зоран Заев денеска го зборуваше, не е дел од реалноста. Слушнавме замена на тези и селективни разговори, надвор од вистинскиот контекст, рече вчера попладне вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, коментирајќи ја последната „бомба“ на СДСМ.

Македонската економија е во добра состојба, напомена Ставрески, и никакво сценарио за банкрот нема да се случи. Кондицијата на буџетот е одлична, а тоа го потврди и предвременото раздолжување кон ММФ.

– И денеска, по којзнае кој пат, беа изнесени истите тези дека државата е пред колапс и банкрот, а всушност, ништо од тоа не е точно. Граѓаните треба да се водат од реалноста, од она што го гледаат, од аргументите и фактите кои велат дека последниве години невработеноста а намалена за една третина, креирани се 125 илјади работни места, во земјава како резултат на реформите дојдоа над 30 странски компании, државниот долг е под 35 проценти од БДП или меѓу четирите најниски во Европа, истакна Ставрески.

Според него, нормално е луѓето во Владата да имаат различни мислења, но сите тие се ставаат на маса, се разгледуваат, се разменуваат аргументи за на крај да се бира најквалитетно решение за граѓаните, согласно програмата.

– Со таков пристап, на поттикнување дебата, што сметам дека е многу здрав, се донесуваа решенија и се води економска политика, потенцира Ставрески.

Целиот процес на изнесувањето прислушкувани разговори, рече, ќе мора да има правна разрешница. Во секој случај со ова, најголема штета им се нанесува на државата и на граѓаните.