Ставревски: Капиталните и странските директни инвестиции се резултат на политиките на Владата

Зоран Ставревски, министерот за финансии на Република Македонија, на денешната собраниска седница, каде се расправа за буџетот за 2014 година, истакна дека капиталните и странските директни инвестиции се резултат на политиките на Владата на кои беа преточени во буџетот за 2013 година. Министерот потсети дека беа изградени голем број на регионални и локални патишта, реконструирани болници, училишта, се градеа канализации и водоводи, како и објекти за културата и дека истото ќе продолжи и во 2014 година.

Капиталните инвестиции како најзначајна компонента во Буџетот за 2014 година се предвидени на 22.377 милиони денари и се за 11 отсто повеќе во однос на оваа година.

Во првите девет месеци од 2013, Македонија имаше раст од 32 отсто во градежништвото, највисок во Европа, истакна уште министерот.

„Она за што 20 години наназад зборувавме, веќе се случува во Република Македонија, глобални компании да вложуваат во нашата земја и сетоа тоа се одразува на економската состојба во државата. Сето тоа покажува дека со добро водење на политиките и реформите во сите области може да се оствари привлекување на инвестиции и да се раздвижи македонската економија“, посочи министерот за финансии.

За прв пат откако се мери стапката на невработеност, истата падна под 30 отсто и според последните податоци од ДЗС стапка на невработеност изнесува 28,8 отсто.

„Пред 5-6 години, стапката на невработеност изнесуваше 38 отсто, а сега е намалена за една третина и тоа во услови на криза на европската економија“, потенцираше Ставрески.

Тој истакна и дека политиките и проекциите на буџетот за следните години и релизацијата на бројните инвестиции ќе придонесат и понатаму да се намалува стапката на невработеност, која се’уште е висока.

Во буџетот на Република Македонија за 2014 година, предвидени се 1. 920.000 денари за подобрување на здравството, односно за новиот клинички центар во Скопје и новата болница во Штип, како и за изградбата на ПЕТ центарот.

За реконструкција и изградба на студенки домови, универзитети, градинки и училишта ќе бидат искористени над една милјарда денари, а за изградба на патишта 9.800.000 денари, и тоа за автопаите Скопје –Штип и Кичево – Охрид , како и за други локални и регионални патишта.

„Освен двата нови автопати во првиот квартал на 2014 година, ќе продолжи и изградбата на коридорот 10, а ќе продолжи и обновата на регионални и локални патишта“, рече Ставрески, додавајќи дека од идната година ќе започне и изградбата на деценискиот проект, пругата кон Бугарија.

За изградбата на гасоводната мрежа, како и изградба на канализациони и водоводни мрежи низ сите општини во Македонија, предвидени се 1.375.000 денари од Буџетот.

За изградба, пак, на слободните трговски зони, од вкупно 14 во Република Македонија, само четири се готови, а за останатите 10 во Буџетот се предвидени 505.000 денари.

Дефицитот, како што посочи Ставрески, ќе се финансира преку домашни и надворешни извори. Смета дека ликвидноста на домашниот банкарски сектор овозможува со ниска камата да се обезбедат потребните средства, како и сите други држави, а од друга страна рече дека будно ќе се следат и состојбите на пазарите на капитал.