Ставревски: Намалување на казните за помалите фирми

Владата во следниот период ќе пристапи кон нивелирање на казнената политика, односно усогласување на казните со економската големина и моќ на фирмите, најави вицепремиерот и министер за финансии и носител на ИЕ 4 на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Ставрески при денешната посета на фирмата „Металопромет” во Струмица.

Помалите фирми, појасни Ставрески, ќе имаат помали казни, а поголемите фирми поголеми казни со цел од една страна да се работи законски, а од друга страна казните да не бидат причина за затворање на фирмите или за посериозно нарушување на производствениот процес.

Според Ставрески, средбите со домашните стопанственици, како и вообичаено, е да се разговара за нивните бизнис-планови и да се види како може да им се помогне.

„Објаснив дека и во следниот период ќе можат да користат евтини кредити со камата од 5,5 проценти. Обезбедени се 100 милиони евра за таа намена. Ќе може да се користат средства со докапитализација на Македонска банка за поддршка на развојот што ќе ги обезбедиме 10 милиони евра за извозни компании и за компании од областа на земјоделското производство“, изјави Ставрески.

Очекува да продолжат добрите резултати во македонското стопанство.

„Ја завршивме 2013 со позитивен резултат. Како се стабилизира европската економија ќе има повеќе нарачки, а ние преку високи капитални инвестиции и проекти што се финансираат од Буџетот ќе им помогнеме на фирмите. И ’Металопромет’ има учество во проекти што се финансираат од Владата или каде што доаѓаат странски инвестиции, па градат објекти и слично. И други македонски фирми на ист начин ќе бидат финансиски поддржани преку Буџетот и преку обезбедување работа“, рече вицепремиерот и носител на ИЕ 4 на ВМРО-ДПМНЕ Ставрески.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.