Стефаноски му порачува на Таравари да не ја дефокусира јавноста и да се фати за работа

Непотребни се вакви непримерни и невистинити изјави и не треба да бидат одлика на еден министер во Влада кој има толку одговорен ресор кој ги засега сите граѓани на Република Македонија, се истакнува во писмената изјава на директорот Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) по повод наводите на министерот за здравство Арбен Таравари и му порачува дека Фондот непречено функционира а тој какко директор ги извршувам моите обврски согласно закон на дневна основа.

„Не дефокусирајте и преземете одговорност за позицијата за којашто Ви дале мандат и решавајте проблеми на осигурениците и здравствените работници и почнете да ги реализирате проектите кои толку гласно ги најавувавте“, се вели во реакцијата на Стефаноски, кој на должноста дојде во април 2015 година како кадар на тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Тој му порачува на ресерниот министер дека е добро што по месец и половина од назначувањето „се сетил дека постои“ Фондот и оти таму уште ја очекуваат неговата права официјална покана за работна средба.

„Инаку, ако не сте знаеле, во сегашните законски одредби, Вие како Министер имате надлежност врз работењето на Фондот, незаборавајќи притоа дека сите важни одлуки на Фондот, се носат на Управен одбор, а потоа Вие како министер директно давате Ваша согласност“, му порачува Стефаноски на Таравари и воедно го потсетува дека Фондот за здравство изминатите години прераснал во институција која е отворена за граѓаните, која решава проблеми и имплементира проекти за подобрување на здравствениот систем.

„Колега Таравари, дали знаете, ако е точно тоа што го прочитавме во одредени медиуми, дека со одлука на Влада се разрешени сите членови на Управниот одбор на ФЗОМ? Доколку е тоа точно, тогаш Ве прашуваме, кој ќе ја сноси одговорноста, зошто Вие и Владата ги разрешивте сите членови на Управниот Одбор на ФЗОМ, кој е надлежен орган за одлучување во втор степен по жалби за лекување во странство, со што ја парализирате институцијата во носење на одлуки и директно го загрозувате здравјето на осигурениците?“, се додава во реакцијата на Стефаноски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.