Директни средби со осигурениците денеска оствари директорот на ФЗОМ, д-р Сашо Стефаноски, кој во рамките на отворени денови на Фондот ја посети подрачната служба во Кавадарци. Во непосреден разговор, директорот се информира за задоволството на осигурениците од реализацијата на проектите и услугите на Фондот. Сметајќи ги овие средби за репер преку кој се детектира реалната перцепција на осигурениците и непосредно се добиваат информации за квалитетот на работата на Фондот, Стефаноски ги сослуша нивните предлози и идеи за натамошно подобрување на работата на Фондот.
Низ средбите со тимот на ФЗОМ, осигурениците имаат непосредна можност да ги добијат сите потребни објаснувања или информации за остварување на правото од здравственото осигурување, или правото на ин витро, за поедноставената процедура за пререгистрација на невработените лица, за рефундирање на здравствените услуги и лекови, како и за тоа дали се наплаќаат лекарските потврди за во градинка/училиште, или за други прашања за кои имаат потреба од допрецизирање од страна на стручните лица на подрачните служби на Фондот.
Во рамките на денешната работна посета, се реализираше средба и со лекари специјалисти од специјалистичката ординација по интерна медицина ПЗУ МЕДИКА Пењушкови Интерна во Ваташа, Кавадарци како дел од новите 6 договори кои Фондот ги склучи со специјалистите. Имено, од 1 ноември 2016 година приватните здравствени установи започнаа со работа со договор со ФЗОМ и целта на новите специјалисти истовремено значи и поголем избор на осигурениците за добивање на специјалистичка здравствена заштита, што истовремено е и растоварување од метежот во јавното здравство за таа дејност.
Стефаноски оствари средба и со менаџментот и со здравствените работници во ЈЗУ општа болница во Кавадарци и разговараше за здравствените услуги што ги користат осигурениците во општата болница во Кавадарци, за која Фондот во 2016 година предвиде буџет од 121,5 милиони денари, што е зголемен споредено со 2015 кога изнесуваше 114,6 милиони денари. Најчестите болнички услуги во оваа здравствена установа се породувањата, третирањето на респираторните инфекции, а најчести здравствени услуги во специјалистичко консултативната здравствена заштита се основните специјалистички здравствени услуги како и невролошките здравствени услуги.
За сите прашања од сферата на здравственото осигурување, осигурениците може да побараат било какви дополнителни информации на веб страницата на Фондот (www.fzo.org.mk) или на социјалните мрежи фејсбук и твитер. Може директно да се обратат во подрачните служби, или да се јават на бесплатниот телефноски број 0800 33 222 секој работен ден од 8.30 до 20.00 часот или по маил на info@fzo.org.mk.
Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.