Стефанов “раскина” со младинците на МЗТ Скопје

Тренерот на младинската екипа на МЗТ Скопје, Врбица Стефанов, по само еден краток период поминат на оваа функција реши да се повлече. Како што изјави самиот Стефанов, ситуацијата во која ја затекнал екипата го запрепастила и дека едноставно, барем за него, не било возможно да се продолжи со работа.

„Јас дојдов тука за да помогнам, да се обидам да создадам играчи што за една до две години би се лансирале во првиот тим. Имам желба и ентузијазам, но тоа очигледно не е доволно. Недисциплината е неверојатна, не само во играта во која не се реализира ниту една акција, ниту еден напад, онака како што ќе зацртаме, туку работата е дојдена дотаму што некои деца не доаѓаат на тренинг дури ни кога ќе го закажам во 13 часот, затоа што им било многу рано. Сметам дека не заслужувам таков однос, бидејќи јас жртвувам голем дел од себе во целиот овој проект, а за возврат добивам неверојатен непрофесионализам. Доколку врз претходните работи можеби и би можел да влијаам како тренер, тогаш дефинитивно не можам да влијаам врз зависта и љубомората меѓу самите играчи. Тоа е нешто што е апсолутно неразбирливо за мене за играчи на оваа возраст, па затоа сметам дека е најдобро да се повлечам со време, за да не се дозволи ситуацијата да ескалира.
Се пожалив на ситуацијата, а кога на неа сведочеше и главниот координатор, тогаш сите останаа без зборови. Сакам да биде јасно дека ова не е мој проблем со МЗТ Скопје, напротив сакам да ја пофалам управата бидејќи создава фантастични услови за работа и за развој на овие млади играчи. Јас останувам дел од овој клуб, се уште одам во салата и скаутирам евентуални нови таленти, но нема да ја извршувам функцијата тренер на младинската екипа на МЗТ. Во следниот период ќе седнеме со раководните луѓе на клубот и ќе разгледаме која функција најдобро би ми одговарала, каде би можел најмногу да му помогнам на македонскиот првак и да дадам свој придонес за дополнителна промоција на кошарката во нашата земја“ – изјави Врбица Стефанов за порталот “Екипа”.