Стефановиќ: Односите меѓу Србија и Македонија не се лоши, но лош е односот на Заев кон Србија

Односите меѓу Србија и Македонија не се лоши, но лош е односот на Зоран Заев кон Србија и нејзините граѓани, изјави потпретседателот на владата и министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ.

Коментирајќи ги тврдењата на мандатарот за состав на македонската влада Зоран Заев дека односите меѓу Белград и Скопје треба да бидат подобри, но неоградувајќи се од претходните критики на сметка на српското државно раководство, Стефановиќ изјави дека Србија сака добри односи со Македонија и ќе продолжи така да се однесува.

Според неговите зборови, и досега економските односи биле на високо ниво.

„Но, нашите политички односи не се добри пред се поради тоа што Македонија со своето однесување и конкретни одлуки застанува на страната на Албанците против интересите на Србите“, рече Стефановиќ за агенцијата Танјуг.

Стефановиќ притоа го поставува прашањето кога била загрозена кариерата на премиерот Александар Вучиќ, како што тврдеше Заев, и каков е тој националистички потег што го направила владата на Србија или Вучиќ.

„Ние ќе продолжиме да чекаме одговор на ова прашање, а граѓаните на оваа земја се сведоци дека Србија никогаш не се мешала во внатрешните односи на Македонија. Секогаш сме повикувале на мир и стабилност“, додава Стефановиќ.

Српскиот министер навел дека такви навреди на сметка на раководството на Србија не се порака на пријателство и тоа не би требало никој да го прави, а најмалку Заев, кој уште не е избран за некаква значајна јавна функција во Македонија.