Стефановиќ предупредува на „многу сериозна“ безбедносна ситуација на Косово

Српскиот министер на полицијата Небојша Стефановиќ порача во петокот во разговорот со функционери на Обединетите нации во Белград, дека општата безбедносна ситуација на Косово е „многу сериозна“.

Стефановиќ во Белград се сретна со помошникот на генералниот секретар на ОН за мировни операции, Александар Зуев, и го повтори ставот на Србија дека на територијата на нејзината поранешна јужна покраина Косово и Метохија и натаму е неопходно дејствувањето на мисијата светската организација – УНМИК.

Потсетувајќи дека УНМИК, согласно Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност при ОН, се грижи за владеењето на правото и безбедноста, Стефановиќ нагласил дека на Косово и натаму има неразјаснети убиства, како оние на припадникот на Жандармеријата на МВР на Србија и на челникот на Граѓанската иницијатива Слобода, демократија, правда – Оливер Ивановиќ.

Зуев го повикал Стефановиќ во јуни во седиштето на ОН да учествува на состанокот на министрите за внатрешни работи и шефовите на полицииите за безбедноста, со кој ќе претседава генералниот секретар Антонио Гутереш, соопшти српското министерство за внатрешни работи.

Тензиите меѓу Белград и Приштина остро се зголемија откако пред повеќе од две седмици во Косовска Митровица беше уапсен со брутална употреба на сила и понижувачки гестови директорот на српската владина агенција за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ.

Односните дополнително ги усложнуваат фактите што Србија е под простојан притисок на Западот и ЕУ да ги реши односите со Приштина како предуслов на напредок во евроинтеграциите како и инсистирањето на српскиот државен врв Приштина да ја исполни својата обврска од Бриселскиот договор и да ја формира Заедницата на спрските општин (ЗСО) на Косово.