Стефановски доминира во групата „Н“

Најдобриот македонски автомобилист, Игор Стефановски – Иџе со Mitsubishi Lancer EVO IX ја забележа втората победа во групата „Н“ во втората трка од Европскиот шампионат на ридски патеки што се возеше на патеката во Рехберг, Австрија. Откако пред две недели триумфираше во групата N на првата трка во Франција, Иџе го повтори успехот и во Австрија со уште поубедлив триумф.

Сите дилеми Иџе ги разреши во првото возење кога со постигнатото време од 2:22.651 минути ги остави три, односно 4 секунди зад себе најголемите конкуренти Чесите Јиржи Лос и Оскар Бенеш. Во второто возење само ја потврди победата со време од 2:23.173 минути. Инаку, севкупно, во групата N, најдобар беше домашниот возач Ханс Зенс со две возења од 2:21 минути, но тој се натпреварува само за австрискиот шампионат поради различната хомологација на неговото возило од онаа која важи за Европското првенство.

„Имав перфектно прво возење што ми беше за секунда побрзо од најдоброто извозено лани. Во второто возење малку излизгав на една од шиканите, но се среќа го исконтролирав возилото и избегнав излетување“изјави Иџе.

„ Се на се’, пресреќен сум од уште еден многу напорен викенд и тешка трка. Најголем проблем беа временските услови. На саботните тренинзи постојано менувавме гуми – за сува, за мокра подлога, „интермедиа“… Навистина беше напорно затоа што врнеше на периоди. Во неделата, за среќа, по утринскиот дожд патеката се исуши, па двете трки ги возевме на сува подлога што беше полесно за да се сконцентрираме подобро на самото возење“ изјави Иџе.

На трката во Австрија настапија преку 140 возила кои се натпреваруваа во различни шампионати. За Европското првенство се бодуваа преку 80 возила, а во групата N, освен Стефановски учествуваа уште 14 натпреварувачи од Чешка, Австрија и Италија.

Севкупен победник беше исто како и во Франција, Италијанецот Симоне Фаџиоли со прототип Norma M20 со возења од 1:55,7 и 1;55,3. Стефановски, севкупно, со сите прототипови, формули и автомобили кои стартуваа на трката се најде на 42-то место меѓу подобро пласираните автомобили.

По двете победи во својата група, Стефановски води во генералниот пласман на почетокот на шампионатот. Во продолжение, за две недели следува третата трка од првенството што ќе се вози на патеката Рампа дел Фарпера во Брага, Португалија.