Стефановски: Отстапивме од почетната тактика, тоа е единствената причина за поразот

Поранешниот селектор на македонската машка ракометна репрезентација, Стевче Стефановски, во стручна анализа за Спортмедиа ги истакна причините поради кои Македонија го доживеа првиот пораз на Светското првенство во Катар. Нема замерка за залагањето на ракометарите, но смета дека пресудно било што отстапивме од тактиката со која почна натпреварот и заборавивме да ги користиме нашите предности во однос на хрватските недостатоци.

Ние почнавме одлично, нашите бекови од широко ги напаѓаа ранливите поизиции 2 и 5 во хрватската одбрана. Во тој период ја направивме таа разлика. Меѓутоа проблемите настанаа кога после водството 9-5, прво почнавме многу индивидуално да играме, а второ нашите бекови се набија во средина и ја згуснавме хрватската одбрана, со што сами се вовлековме во проблеми. Не знам како се чувствувале таму, можеби помислиле дека како тргнавме можеме Хрватска да ја добиеме 10 разлика, ама тоа не оди така.

Кај Хрватите место Дувњак влезе Карачиќ и ја размрдаа работата. Ние имавме неколку избрзани шута, пребрзо ги завршувавме нападите од неизградени позиции, а пред натпреварот беше “забрането со закон” да се разбрани Мирко Алиловиќ. Тој беше надвор од форма цела полусезона, а ние на крај го направивме играч на натпреварот.

Друга работа, заборавивме дека имаме крила, па со додавања до нив да ја раширеме нивната одбрана. Мислам дека во првото полувреме имаше само една топка до Георгиевски од Кире и толку. Понатаму, заборавивме да ги искористиме нашите предности. Кога тие се повисоки и посилни, требаше да искористиме што сме побрзи, да ја движиме топката побргу, да имаме проток и комбинаторика, зашто за луѓе од два метра не е така едноставно да се мрдаат постојано лево и десно.

Со сето кажано, мислам дека потполно е заслужена победата, со оглед на она што го прикажаа Хрватите. Сепак, мене лично ќе ми остане една горчина затоа што мислам дека можевме да ги добиеме. Не е дека не сме задоволни, сѐ оди според планот за Светското првенство, имаме три победи. Никако не смееме да имаме замерки ниту за залагањето на натпреварот против Хрватска.

Сега следува важен ден за одмор, за играчите да се одморат и физички и умствено и потоа со една победа против Австрија да си ја вратат самодовербата, затоа што ги познавам и знам дека им е потребна.

Извор: Спортмедиа.мк