Балкан

Стејт департмент: Бугарија има стратешка положба на Балканскиот пат за шверцот на наркотици

Стејт департмент: Бугарија има стратешка положба на Балканскиот пат за шверцот на наркотици

Бугарија има стратешка положба на балканскиот пат за илегална трговија со наркотици и други шверцувани стоки од Југозападна Азија кон Западна Европа. Меѓународните организации за шверц со наркотици продолжуваат да пренесуваат кокаинм хероин, синтетичка дрога и се повеќе хемиски забранети супстанци преку Бугарија до Западна Европа, се наведува во извештајот на американскиот Стејт департмент за стратегијата во меѓународната контрола на наркотици, пренесува МИА.

Според документот во 2014 година организациите за илегална трговија со наркотици од Африка и од Блискиот Исток продолжија да работат со бугарските мрежи за организиран криминал за пренесување на кокаин и хероин од Јужна Америка во Европа.

Стејт департментот посочува и дека продолжило производството на незаконски наркотици во Бугарија, пред се одгледување на марихуана за локални потреби и производство на синтетичка дрога – анфетамини, кои се произведуваат во мали лаборатории како за лична употреба, така и за локална продажба.

Во 2014 година во Бугарија спроведени се неколку заеднички операции на различни институции при што биле конфискувани неколку стотина килограми наркотици, вклучително и седумпати повеќе хероин во споредба со 2013 година. Бугарските власти конфискували и големо количество на нови психотропни супстанци.

Стејт департментот наведува и дека Бугарија нема значителни истражувања на наркоманијата од 2009 година, кога биле регистрирани приближно 30.000 активни наркомани. Најчесто употребувана дрога во Бугарија е марихуаната, а потоа следат синтетичките дроги и хероинот.

Во документот се посочува и дека бугарските власти продолжуваат да соработуваат со американските колеги во борбата со наркотиците.