Стејт департментот со пофалби за УБК во борбата против тероризмот

Извештајот за терористичките напади низ светот во 2014 година, подготвен од американскиот Стејт департмент, оценува дека Македонија била искрен партнер во борбата против тероризмот.

Од таму пристигнуваат пофалби за работата на македонската УБК за борбата против тероризмот.

Извештајот, кој беше објавен завчера и кој не ја покрива 2015 година, односно не го вклучува нападот во Куманово, го наведува гранатирањето на Владата и помалите бомбашки напади во близината на полициските станици во Тетово и Куманово извршени во текот на 2014 година.

– Против-терористичките активности во Македонија го вклучуваат усвојувањето на законот со кој се забранува вклучувањето или помагањето на странски терористички групи. Десетици македонски граѓани заминале во Сирија и Ирак како странски борци во изминатите години, иако има индикации дека законот, кој беше усвоен во септември 2014 година, има некаков ефект да се обесхрабри оваа појава. Во Македонија немаше посериозни терористички инциденти во 2014 година. Зградата на Владата, каде е сместена канцеларијата на премиерот, беше оштетена во ноќта на 28 октомври од страна на непознати напаѓачи. Два проектили, веројатно од рачен фрлач на гранати, беа истрелани врз зградата која беше празна во тој момент, при што немаше повредени. Локалните медиуми објавија писмо од Ослободителната национална армија (ОНА), која презема одговорност за нападот, но некои аналитичари го отфрлија писмото, кое беше објавено една недела по нападот и не содржеше барања. Истата наводна група презема одговорност и за двете помали експлозии пред полициските станици во Тетово и Куманово на 9 декември, пишува во извештајот кој вчера беше презентиран од амбасадорката задолжена за координација на борбата против тероризмот Тина Кајданов.

Во извештајот се наведува дека македонскиот безбедносен систем е добро подготвен за ефикасно да се справи со терористички напади, пред се преку Управата за безбедност и контра-разузнавање и специјалните полициски единици. Дополнително, Македонија е оценета како земја која активно соработува во борбата против тероризмот.

– Македонија е искрен партнер во борбата против тероризмот, како регионално, така и на меѓународна сцена. Грчкото одбивање да го признае името на Македонија повремено ја ограничува можноста на Македонија да учествува на меѓународните форуми. Министерот за надворешни работи Никола Попоски учествуваше на тркалезната маса за балкански земји на Стејт департментот организирана при Генералното Собрание на Обединетите Нации, а во октомври, Македонија беше домаќин на регионалната конференција за разузнавање на која се дискутираше прашањето за странските терористи, пишува во извештајот.