Стен Етелберг: По затворањето на фабриката очекуваме да престане ширењето на листеријата

Данска и Македонија се во слична состојба кога се зборува за појавата на листеријата, и во двете земји бактеријата е најдена во сувомесни производи, вели професор Стен Етелберг од Данскиот институт за заразни болести. Во разговор за „Дневник“ тој вели дека е оптимист дека наскоро ќе запре ширењето на бактеријата, откако е затворена фабриката кај чии производи е откриена листеријата.

Во Данска првиот смртен случај од листерија беше регистриран лани во септември, а последниот, тринаесеттиот, пред два дена. Зошто беше потребно толку долго време за Данска да се справи со листеријата?

– Точно дека првиот случај беше регистриран лани, но ширењето на болеста почна во јуни годинава и досега трае три месеци. Но, првиот, ланскиот случај не го сметаме како почеток на ширењето бидејќи оттогаш помина многу време. Фокусирани сме на случаите од летово и нив не ги поврзуваме со првиот случај.

Kаква е во моментов ситуацијата со болеста, има ли позитивен развој во спречувањето на нејзиното ширење?

– Мислам дека го лоциравме изворот на ширењето на листеријата, тоа е фабрика за сувомесни производи и таа веќе е затворена. Сите производи од фабриката уште минатата недела се повлечени од пазарот.

Фабриката е затворена, а завчера имаше уште еден смртен случај. Kолку време трае инкубацијата на бактеријата?

– Инкубацијата обично трае три недели, но се движи од две до пет недели. Иако сите колбаси произведени во затворената фабрика се повлечени од пазарот, с` уште очекуваме да видиме нови случаи во наредните недели.

А што се однесува со поврзаноста на овие случаи со ланскиот, морам да кажам дека не знаеме дали тој случај има врска со овие производи.

Очекувате ли по затворењето на фабриката ситуацијата да се подобри?

– Да, дефинитивно го очекуваме тоа и ќе продолжиме да следиме дали ќе се појават нови случаи за три до пет недели. Но, по тој период очекуваме дека ширењето ќе запре.

Kолку е успешен третманот на заболените?

– Многу од случаите на заболени од листерија беа претходно болни од други болести, главно хронични зболувања. Па затоа верувам дека некои од нив починале како последица и на тие болести.

Тешко ли е да се дијагностицира листеријата?

– Не е толку тешко. Се работи за инвазивна бактерија која кога ќе дојде во телото се манифестира со сериозни знаци, нормално се дијагностицира, а има сериозни последици.

Проблемот е што листеријата често ја добиваат лица со нарушено здравје со сериозна болест и кај нив може да биде критично. Имунитетот им е нарушен и организмот не може да се бори против бактеријата. За разлика од нив, нормално здрави лица тешко заболуваат од неа.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.