Штербик е најдобриот голман сезонава во ЛШ

Голманот на РК„Вардар“, Арпад Штербик е дел од најдобриот тим во Лигата на Шампионите за изминатава натпреварувачка сезона која завршува викендов со ф4 турнирот во Келн.

Во кокуренција за најдобрите, освен Штербик, беа уште Абутовиќ, Дибиров, Циндриќ, Борозан и тренерот Гонзалес, но тие не ги добија потребните гласови за да се најдат во завршниот избор.
Штербик и минатата сезона беше дел од најдобриот тим, а ја освои титулата МВП на минатогодишниот завршен турнир.

Меѓу најдобрите седуммина има четворица ракометари на ПСЖ- Уве Генсхајмер е најдоброто лево крило, Сандер Сагосен е најдобар лев бек, најдобар среден бек е Никола Карабатиќ, а неговиот брат Лука Карабатиќ е најдобар дефанзивец. Искусниот Бјарте Мирхол од „Скејрн“ е најдобар пивот оваа сезона, а најдобар десен бек е Дика Мем од „Барселона“, додека најдобро десно крило е Давид Балагуер од „Нант“.

Тренер на сезоната е Патрис Канаје од „Монпелје“.

Завршниот турнир во Лигата на шампионите ќе започне утре, а „Вардар“ игра во второто полуфинале од 18 часот, против „Монпелје“.