четврток, 30 март 2017  |  Вести денес: 39

Штетата на граѓаните од поплавените подрачја ќе им биде 100 % надоместена

todorov-pres-640x360

Поврзани вести

Владата на Република Македонија вчера усвои пакет на мерки наменети за граѓаните во погодените подрачја од поплавите кои го зафатија скопскиот регион.

Тодоров потенцираше дека усвоените пакет мерки се дел од заложбите на Владата за побрзо и поефикасно нормализирање на состојбите, санација на штетите,  но и помош и поддршка за настраданите граѓани. Овие мерки, како што рече тој, значат дополнителна помош и поддршка, покрај процесот на обесштетување и помошта која сега на терен се реализира во процесот на расчистување и санација.

-Прва мерка која ја усвои владата е обезбедување на 100 отстотно обесштетување на граѓаните од кризните региони за штетите предизвикани од поплавите. Ова значи дека граѓаните погодени од поплавите ќе бидат обесштетени во целост, односно се што комисијата за проценка ќе го евидентира за оштетено, истото 100 процентно ќе биде надоместено. Втората мерка, министерството за здравство ќе отвори посебна програма која ќе покрива партиципацијата на сите здравствени услуги на сите нивоа во зафатените подрачја и со тоа сите пациенти би биле ослободени од партиципацијата за здравствени услуги, спрема фондот за здравство до крај на 2016 година. Третата мерка, домаќинствата од кризните региони ќе бидат ослободени од плаќање на месечните издатоци за вода и ѓубретарина во период од три месеци, со што ќе се оствари заштеда на нивниот семеен буџет. Четврта мерка, со оглед на тоа што се ближи почетокот на школската година, за сите деца од кризните региони, ученици во основно образование, ќе биде овозможена еднократна парична помош за набавка на училишен прибор.

Петта мерка, за семејствата од погодените региони од невремето, кои не извршиле легализација на своите куќи ќе биде овозможена бесплатна изработка а елаборат потребен за постапката за легализација, што претставува дополнителна заштеда за овие домаќинства. Се работи за заштеда на трошок кој во просек изнесува над 6000 денари по домаќинство, во зависност од големината на објектот за кој се однесува. Шеста мерка, за семејствата погодени од поплавите кој се приматели на парични права од социјална и детска заштита односно приматели на социјална парична помош, постојана парична помош, додаток за мобилност, додаток за слепило, додаток за глувост, помош и нега од трето лице и посебен додаток за деца со пречки во развојот ќе се изврши зголемување на паричната помош во наредните три месеци за 50 проценти. Зголемувањето кое е директно насочено кон најранливите категории од овие региони. Седма мерка е обезбедување на 30 тони јачмен од државните резерви кои ќе будат наменети без надомест, за сточна храна за земјоделците од погодените региони кои имаат потреба од ваков тип на поддршка. Осма мерка , во насока на излегување на барањата на земјоделците кои имаат земјоделски посеви во погодените региони ќе овозможиме бесплатна анализа и испитување на почвата, процес во кој што ќе биде потребно да се утврдат и можните потреби за прочистување на истата. Ова е особено значајно за продолжување на планско земјоделско производство, изјави Тодоров.

Пакетот од осум мерки е само дел од целокупниот процес на санација на штетите и помош и поддршка за настраданите граѓани, рече тој и додаде дека за во иднина се разгледуваат и други мерки во најразлични области, за кои дополнително ќе се информира.

Најчитани вести