Штетите од поплавите се пријавуваат и во осигурителните компании

Граѓаните опфатени со поплавите пријавуваат штети и до осигурителните компании, иако информациите оттаму се дека мал број од имотите се осигурани.

– Имаме зголемена фреквенција на пријавени штети на подрачјето на град Скопје и нашите проценители се постојано на терен. Штетите што се пријавуваат се од сите подрачја на градот, акцентот е на подрачјата кои беа најпогодени, велат од Винер осигурување и додаваат дека за жал очекувањата се дека минимален број имоти во најзагрозените подрачја се осигурени имајќи предвид дека процентот на осигурени имоти во Македонија е мошне мал.

Наведуваат дека максимално се ангажирани да излезат во пресрет на своите корисници и штетите да бидат надоместени во најкус можен рок.

Државниот секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Бесир Јашари, вчера информираше дека штети имаат пријавено 5 илјади семејства од 12 населени места во Скопско.  Како што рече стручни екипи се веќе на терен и вршат проценка на штетите, за кои се уште не може да се каже колкави ќе бидат. Извесно е само дека нема да влијаат врз земјоделското производство, а луѓето навреме ќе бидат обештетени.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.