Стевановиќ: Радојичиќ можеше да игра во НБА, а заврши како дилер

Беше голем талент, имаше предиспозиции да стане одличен кошаркар. Беше прототип за современ играч, вели Горан Стевановиќ, некогашниот тренер на Никола Радојичиќ.

Апсењето на поранешниот кошаркар на МЗТ Скопје и Црвена ѕвезда, Никола Радојичиќ во Перу поради обид да прошверцува кокаин кој го проголтал во ампула ги изненади неговите соиграчи од јуниорската екипа на црвено-белите Алексеј Нешовиќ, како и неговиот тренер од таа генерација, Горан Стевановиќ.

Нешовиќ не може да поверува дека еден од големите таленти на српската кошарка се занимавал со работи поврзани со дрога.

„Во шок сум. Не можев да поверувам кога прочитав дека Никола е уапсен во Перу поради шверц на кокаин. Трениравме заедно во јуниорската екипа на Ѕвезда и тогаш не даваше никакви наговестувања дека може да се занимава во вакви работи. Беше добар кошаркар, се дружевме, живееше спортски живот, но патиштата подоцна ни се раздвоија“, вели Нешовиќ додавајќи дека потоа единствениот контакт кој го имале бил преку социјалните мрежи.

„Ни на крај на памет не ми е дека тој се занимава со шверц на дрога. Последен пат четувавме преку Фејсбук пред некои шест месеци, зборувавме за некои нормални работи. Поради тоа бев премногу изненаден кога ја прочитав оваа вест“, додава Нешовиќ.

safe_image

Тренерот од тој период, Горан Стевановиќ занемел кога слушнал дека негов поранешен играч е поврзан со илегални работи.

„Беше голем талент, ги имаше сите предиспозиции да стане одличен кошаркар, дури и да игра во НБА лигата. Беше прототип за современ играч и кога слушнав дека шверцувал дрога, не можев да верувам. Во шок сум. Меѓутоа во животот никогаш не знаете по кој пат ќе тргнете. Знам дека играше за многу клубови. Навистина сум изненаден, немам што друго да кажам бидејќи никогаш не можев Никола да го поврзам со овие работи“, вели тренерот Стевановиќ.

Радојичиќ е уапсен на аеродромот „Хорхе Санчез“ во Перу, откако добил силни болки во стомакот предизвикани од проголтувањето на ампули со кокаин.

nikola-radojicic-1408059154-551339

Влегуваше во конфликти, беше пргав играч

Уапсениот кошаркар, иако бил голем талент, бил многу пргав играч кој често доаѓал во конфликт со противничките играчи. Оние кои го познаваа велат дека немало натпревар, а да не дојде во конфликт со некого. ПОнекогаш знаело да дојде и до тепачка.

Во полиција признал дека работел за Бугарите

Според изворите на Директоратот на полицијата за борба против наркотици, Радојичиќ и вториот уапсен Урош Докиќ, биле членови на шверцерска мрежа, а во полиција изјавиле дека дрогата има ја дал Бугарин кој живее во Перу, пишува весникот „Ел комесарио“.

Како што пишува весникот, полицијата не ја исклучува можноста дека Радојичиќ и Докиќ се поврзани со неодамнешното убиство на спрскиот државјанин Горан Ставриќ-Фредерик кој соработувал со дилерите на дрога од Боливија и Еквадор.