Стипендии за 13 ученици од средното училиште „Димитар Мирасчиев”

Тринаесет ученици во прва година, од средното текстилно училиште „Димитар Мирасчиев” во Штип денес добија стипендии за првото полугодие.

Тие во текот на школската година, ќе добиваат по 2000 денари месечно, низ сите четири годишни школување во средното текстилно.

– Денес им ги дадовме решенијата а веќе утре, на нивна сметка ќе ги добијат парите за првото полугодие. Ние даваме комплетна поддршка на напорите за зголемување на интересот за ова училиште и токму давањето на средношколските стипендии е само чекор повеќе кон реализација на таа идеја. Со ваквиот ангажман, ние се обидуваме со голем дел од штипските конфекции да ги вратиме учениците во овие клупи, бидејќи штипското стопанство кое е ориентирано кон текстилот има потреба од ваков едуциран кадар. Овие 2000 денари месечно се поткрепа и за домашниот буџет на учениците, не е за потценување и истиот може да се користи за храна, за материјали, помагала и друго во текот на учебната година,  изјави градоначалникот на Штип, Илчо Захариев.

Учениците се задоволни од стипендијата и го делат мислењето дека ова е поддршка и за нивните семејства. Според директорката Цветанка Красиќ, учениците учат по современи наставни предмети, имаат и одлична можност за практична работа не само во школото, кое е опремено со машини за тоа, туку и во неколку штипски конфекции со кои соработуваат.

Инаку во текот на една учебна година, за стипендии за овие 13 ученика ќе бидат издвоени 234.000 денари, односно нивното четиригодишно школување општината ја чини 936.000 денари.