Стипендии за изучување на старотурски јазик

Министерството за образование и наука воведува нова категорија на стипендии наменета за студенти кои ќе се одлучат да се запишат на додипломски и после дипломски студии за изучување на старотурски јазик на некој од светските Универзитети на кои има катедри за Отомански студии. За академската 2014-2015 година ќе бидат доделени 20 стипендии што се подразбира покривање на трошоците за уписнина, месечен паричен надоместок и трошоци за авионски билет.

„Стипендиите се иницирани од реалната потреба за стручен кадар кој ќе работи на превод и толкување на голем број на стари документи и ретки ракописи кои ги има во македонските и странските достапни архиви, во библиотеките, имотните книги а се напишани на старотурски јазик,“ изјави министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Кандидатите за стипендирање на додипломски студии за изучување на старотурски јазик, треба да имаат завршено четиригодишно средно образование и да се примени на додипломски студии во прв циклус, во првата година за академската година 2014-2015 година на некој од универзитетите каде што овој јазик се изучува.

Кандидатите за стипендирање на  постидпломските студии потребно е да имаат диплома за завршен прв циклус на студии во траење на четири години во земјата или странство.Предност ќе имаат студентите кои дипломирале на историја, со оглед на потребите за вработување во институциите.

„Потребните документи за аплицирање, заинтересираните можат да ги видат во конкурсот, а потоа да се поднесат на 15 август до Министерството за образование и наука.За апликациите ќе одлучува комисија формирана за оваа намена, која одлуките ќе ги донесе 15 дена по апликацијата,“ додаде Ристовски.

Кандидатите кои ќе добијат стипендии за додипломски или постидпломски студии за изучување на старотурскиот јазик, ќе потпишат договор со МОН, со што ќе се обврзат да работат најмалку 10 години во Македонија по завршување на студиите.

Државата ќе гарантира соодветно вработување во државниот архив во РМ, Институтот за национална историја и МАНУ како и институции каде што е од исклучително значење познавањето и изучувањето на старотурски јазик.

Конкурсот за овие стипеднии ќе биде објавен денеска на интернет страницата на Министерството за образование, а од понеделник ќе започне да се емитува промотивен спот на националниот сервис.