Стипендии за летна школа и студиски престој во Словачка

Врз основа на Меморандумот за разбирање помеѓу Министерствата за образование на Македонија и Словачка, се доделува една стипендија за „50–та годишна летна школа за словачки јазик и култура – Studia Academica Slovaca“, наменета за универзитетски или факултетски професори, искусни наставници, студенти на постдипломски или додипломски словачки и словенски студии, писатели, преведувачи, како и сите заинтересирани за словачкиот јазик и култура.

Летната школа ќе се одржи од трети до 23 август 2014 година во Братислава, Словачка, притоа, со стипендијата која ја доделува Министерството за образование, наука, истражување и спорт на Словачка ќе бидат обезбедени школарината, сместувањето со полн пансион и културните активности, а патните трошоци, до и од местото на студирање (автобуски билет), ги покрива Министерството за образование и наука на Република Македонија.

Заинтересираните кандидати потребно е да ја контактираат Амбасадата на Словачка во Македонија, на: emb.skopje@mzv.sk, а потоа, најдоцна до 15 мај 2014 година, да се пријават електронски на: www.office, stuyin.sk/sas.

Дополнително, преку Словачката национална програма за мобилност (Slovak National Mobility Programme) се обезбедуваат стипендии за студиски престој на некој од словачките јавни универзитети за академската 2014/2015 година, наменети за странски студенти на прв, втор и трет циклус на студии, универзитетски професори, истражувачи и уметници.

Од Словачката страна, на избраните кандидати ќе им бидат покриени трошоците за живот (сместување, исхрана) за време на студискиот престој, а патните трошоци за повратен билет (автобуски билет) до и од местото на студирање, ги покрива Министерството за образование и наука на Република Македонија.