Стипендии за магистерски и докторски студии во Франција

Министерството за образование и наука распиша конкурс за доделување на стипендии за едногодишни магистерски и докторски студии во Франција. Стипендиите ги доделува француската Влада и се наменети за сите заинтересирани кандидати кои веќе конкурирале на некој од државните Универзитети во Франција или оствариле контакт со соодветниот Универзитет.

Кандидатите треба да достават пополнето барање за стипендија; потврда дека кандидатот конкурирал на магистерски или докторски студии; копија од диплома и уверение за положени испити со заверен судски превод на француски јазик; две препораки од професори; мотивационо писмо, во кое кандидатот ќе ги изнесе своите видувања за начинот и конкретната примена на стекнатите знаења по враќањето во земјата;  потврда  за познавање на францускиот јазик и една фотографија.

Целосната документација во три примероци, од кои два на француски и еден на македонски јазик, треба да биде доставена најдоцна до 30 прил, во Одделот на КампусФранс во Францускиот институт (Градски ѕид, блок 5, П.Фах 388, 1000 Скопје).

По извршената селекција кандидатите ќе бидат повикани на разговор, а предност ќе имаат кандидатите кои ќе изберат студиска област која е помалку застапена во земјава.

За повеќе информации, заинтересираните кандидати може да се обратат во Одделот на КампусФранс во Францускиот институт, на телефон: 02/3129 288, или електронски на: suzana.pesik@ifs.mk .